Ромска фамилија која се распослала во импровизирани живеалишта под мостот кај Железничка станица, гори сè и сешто и воздухот во околината смрди на гума и пластика. Инспекторатот на Град Скопје денеска го задолжи ЈП “Комунална хигиена“ просторот да биде целосно исчистен, а лицата затекнати на лице место веднаш да бидат згрижени

Жителите од населба Аеродром и Ново Лисиче, кои ја користат велосипедската патека покрај Вардар за рекреација или за одење и враќање од работа со велосипед, секојдневно се гушат од чадот кој излегува од импровизираните живеалишта. Велат дека чадот смрди на изгорена гума и пластика.

– Во близина живеам. Секој ден на најмалку десет места долж патеката тука Ромите палат сè и сешто и нè гушат. Така со години. Мора да се стави крај на оваа анархија – вели Лиле Симоновска.  

Просторот околу живеалиштата е полн со пластика, гуми, кабли и картони. Иако знаат дека со тоа ја загадуваат околината, Ромите признаваат дека горат отпад.

– Што да правиме. Гориме отпад за да преживееме – велат тие.

Инспекторатот на Град Скопје денеска го задолжи ЈП “Комунална хигиена“ просторот под Железничката станица да биде целосно исчистен.

– Известени се Центарот за социјални грижи и градежниот Инспекторат на општина Аеродром кој е надлежен за отстранување на изградените импровизирани живеалишта. Инспекторатот на Град Скопје нема надлежност да отстранува градби и згрижува луѓе. Очекуваме брза реакција од надлежните институции – велат од Инспекторатот на Град Скопје.

Исчистен беше и паркингот под Железничка каде превозниците од меѓуградскиот превоз тука ги паркираат автобусите. Емилија Владимирова вели дека возачите кога ги чистат автобусите, отпадот го фрлаат на паркингот иако во непосредна близина има контејнери. Таа бара да се казнат таквите неодговорни возачи.

Филип Здравески бара надлежните да се погрижат и за бездомните кучиња кои сè почесто ги има на патеката и ги напаѓаат минувачите.

(С.Бл.)