Горан и “Бијело дугме“ на неколку дена пред скопскиот концерт…..

186

Дали и скопјанката Васка Јанковска со Бреговиќ и нивниот хит “Едерлези“ ќе ја вжешти атмосферата?

Уште само неколку дена останаа до големата Градска журка во Скопје со славното “Бијело дугме“ (17 ноември) и со уште пославниот Горан Бреговиќ. Иако многумина го критикуваат дали и поради неговата алчност за хонорари, Горан Бреговиќ останува број еден во тој естраден свет на гламур. Токму него и по повод ослободувањето на Скопје ќе го слушаме со членовите на бендот Ален Исламовиќ и Младен Војчиќ-Тифа на скопската променада, пред фонтаната на Александар Македонски. Жељко Бебек, првиот пејач на “Дугме“, поодамна не е со нив, си има тој своја соло кариера, а се зборува дека токму со Бреговиќ со години е скаран.

Уште отсега се знае дека меѓу почитувачите на Бреговиќ на Плоштад на почесно место ќе биде и легендарната скопјанка Васка Јанковска која публиката ја знае и како главна дури и најглавната пејачка од “Оркестарот за свадби и погреби“, оркестар на Горан Бреговиќ. Токму со тој оркестар Васка го помина целиот свет. Бреговиќ многу ја почитувал, сите желби ѝ ги исполнувал, а знаел и добро да ја плати, но сето тоа било заслужено. Едноставно кажано, оркестарот се препознаваше по моќниот глас на вокалната царица Васка од Скопје. Се надеваме дека на Васка ќе ѝ се даде можност да се искачи на бината да ја видиме пак со Горан, макар и на кусо, во рефренот на нивниот мегахит “Едерлези“ (“Ѓурѓовден“), па срцето да ни дојде на место. Се разбира дека целата фешта е бесплатна за граѓаните и гостите на Скопје! Д.М.