Голем фолк-концерт во Кичево, во чест на славниот Војо Стојаноски

924

Кичево ечеше од рефренот на легендарната „Една мисла имаме, Македонија цела да е“!

 1975 година е многу значајна за Војо. Таа година тој учествува на традиционална манифестација „Избираме најдобар работник – пејач“, која се одржувала во Пробиштип. Војо го освоил првото место со песната „Море абер дојде, Ајше ле мори“. Членови на комисијата биле познатиот гајдаџија Пеце Атанасоски, Јонче Христовски и Мате Грујоски. Тие го убедиле Војо да почне професионално да се занимава со пеење

 Беше и остана легенда. А, легендата е македонскиот фолк-пејач Војо Стојаноски. Во негова чест пред само неколку дена во неговото Кичево се одржа голем значаен фолк-концерт . По повод десет години од смртта на легендарниот пејач на народната музика.

Самиот  концертот  беше исполнет со  емоции испреплетени со многу тага, болка, спомени, сеќавања… Солзите изостанаа, бидејќи Војо никогаш не сакаше никој да го види натажен, тој беше среќен кога својот народ го гледаше дека е среќен, дека живее во слога и богатство.

На концертот присуствуваше и Драган, синот на Војо, а кој е еден од уште двајцата синови на почитуваниот пејач. Војо беше татко и на Жарко и на најмладиот Дамјан. Ја имаше и ќерката Жаклина.Само Дамјан е тој кој тргна по стапките на татко си. Пејач е кој ја продолжува многу успешно семејната традиција со своите хитови, вечната љубов кон музиката и воопшто кон македонската народна песна.

Синот Драган им изјави на новинарите дека тие во семејството израснале со неговиот аманет, да ја сакаат и да ја негуваат македонската народна песна, да го почитувaaт македонскиот народен мелос. Концертот бил организиран во соработка со Културно-уметничкото друштво „Нико Пусоски“ од Кичево. На концертот настапиле: Дамјан Стојаноски, Влатко Миладиноски, Дарко Стојаноски, Спасен Сиљаноски, Влатко Лозаноски – Лозано, Мирослав Мирчески, Мики Данилоски, Бранислав Стојаноски, Орце Богданоски, Марко Трпчевски, Драган Вељаноски и Кристијан Трајаноски со оркестарот на Златко Миладиноски. На концертот и внукот на Војо, Марко, син на Драган Стојаноски, говореше со пиетет за својот славен дедо.

Инаку, Војо е роден на 2 февруари 1949 година, во кичевското село Букојчани (почина, релативно млад на 65-годишна возраст во Скопје, по тешката болест). По петте девојчиња родени во големото семејство на тато Драган и мама Олга, Војо бил првото машко дете, а потоа се родиле и неговите двајца браќа. Како прво машко дете, тој бил миленик на татко му, од кого ја наследува љубовта кон песната. Со воодушевување како мал ги слушал прекрасните гласови на неговиот татко и чичко, кои  заедно ги пееле старите народни македонски песни.  1975 година е многу значајна за Војо. Таа година тој учествува на традиционалната манифестација „Избираме најдобар работник – пејач“, која се одржува во Пробиштип. Војо го освојува првото место со песната „Море абер дојде, Ајше ле мори“.

Членовите на комисијата биле познатиот гајдаџија Пеце Атанасоски, Јонче Христовски и Мате Грујоски. Тие го убедиле Војо да почне професионално да се занимава со пеење. Тој ги послушал и направил убава музичка кариера. Но, меѓу најупорните во убедувањето бил гајдаџијата Пеце (таткото на македонската спикерска легенда Весна Вучиќ-Атанасоска).

Потоа низ животот, а по распадот на Југославија, Војо во 1998 година влегува во политиката како пратеник од ВМРО-ДПМН во Собранието на Република Македонија. Сепак, на тоа поле, долго не се задржува, па откако самиот сфатил дека повеќе ја сака музиката од политиката, на музичката фолк-сцена се враќа со големо задоволство.

Се редат големите хитови со кои ја одбележа и севкупната македонска фолк-сцена: „Ти донесов млада невеста“, „Свадба голема“, „Се собрале комитите“, „Нема друга Македонија“, „Суводолица“, „Коња водам, Анѓе“, „Денеска ми е сабота“….и најпопуларната со која таа мајска ноќ, Кичево ечеше: „Една мисла имаме…каде и да одиш, каде и да шеташ, не се срами, не се плаши, Македонец да си….една мисла имаме, еден живот живееме, Македонија цела да е, секој да ја знае. Ние не сме Грци, Бугари, ни Срби, чеда сме на Александар, гордост македонска. Еден живот живееме….“.   Д.М.