Петмина Американци кои биле затворени во Иран денеска со авион ја напуштиле таа земја, а биле разменети за петмина Иранци затвореници во Соединетите Американски Држави.

Размената на затворениците беше договорена со посредство на Катар, а договорот подразбираше САД да одмрзнат шест милијарди долари од средствата на Техеран, пренесува „Гласот на Америка“.

Катарскиот авион полета од Техеран со пет затвореници и двајца нивни роднини, набргу откако САД и Иран добија потврда дека средствата се префрлени на сметки во Доха, изјави за „Ројтерс“ извор запознаен со деталите за размената.

Иранската Прес ТВ објави дека двајца од петмината Иранци ослободени како дел од размената слетале во Доха.

Засега нема независна потврда за ова, но иранските власти објавија дека тројца од петмината ослободени не се враќаат во Иран.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави за „Гласот на Америка“ минатата недела дека администрацијата на Бајден се надева дека размената ќе се случи „во наредните денови“.

Тројца Американци во размената се јавно идентификувани: Сијамак Намази, Емад Шарги и Морад Тахбаз, а тие заедно со неименуван Американец беа префрлени од затворот Евин во Техеран во домашен притвор, додека Американката, која исто така треба да биде дел од од договорот, веќе беше во домашен притвор.

Иран идентификуваше пет свои граѓани кои сака да ги види ослободени.

Иранската мисија во Обединетите нации во Њујорк потврди за Гласот на Америка дека на списокот се Кавех Лотфолах Афрасијаби, Мехрдад Ансари, Амин Хасанзадех, Реза Сархангпур Кафрани и Камбиз Атар Кашани.

Ансари и Кашани отслужуваат федерални затворски казни, додека Афрасијаби, Хасанзадех и Кафрани се под надзор на слобода.

Договорот вклучува и САД да дозволат одредени ирански средства замрзнати под американските санкции да бидат префрлени од сметки во Јужна Кореја на сметки во Катар.

Иранските средства префрлени во Катар се наменети само за хуманитарни цели. Администрацијата на Бајден ги отфрли критиките дека Иран ќе може да ги користи парите за други цели, а американските власти рекоа дека ќе има надзор за да се осигура дека повлекувањата се наменети за одобрени трансакции.