Голема акција на Градот и АХВ за ставање во ред на бездомните кучиња

192

Градот Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство подготвуваат голема акција за решавање на проблемот со бездомните кучиња. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов не откри детали околу акцијата бидејќи, како што истакна на денешната прес конференција на која беше обелоденет скандалот со несоодветното третирање на медицински отпад од една скопска инсталација, а од кој се хранат бездомни кучиња, ширејќи на тој начин зараза, в четврток ќе има средба со директорот на АХВ на која тие ќе се прецизираат.

Прашан до каде е изградбата на стационарот за бездомните кучиња во Вардариште, Шилегов одговори дека активностите се при крај и дека многу брзо тој ќе биде пуштен во функција.

Ова ветување Шилегов го дава многупати до сега. Последно беше дека стационарот ќе биде пуштен во употреба во втората половина на јануари.

Со новиот проект се предвидува проширување на капацитетот за престој, карантин, амбуланта, административни простории и парк за кучиња. Покрај масовната стерилизација/кастрација, во соработка со здруженијата за заштита на животните активно ќе се промовира и вдомување и хуман однос.

За решавање на проблемот со  бездомните животни, Градот формираше и посебно претпријатие „Лајка“, поради што на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ му беа одземени ингеренциите околу третманот на бездомните животни.

 Претпријатието „Лајка“ е формирано заради континуирано, организирано и квалитетно заловување на животните скитници, нивно времено сместување во прифатилишта и обезбедување соодветна заштита, контрола на популацијата, редовно хранење и напојување, како и ветеринарно-медицински третман на животните скитници на подрачјето на град Скопје, но до сега од него не беше преземена ниту една активност.

(А.П.)