Годишно собрание на РФМ: Промени во системот на натпреварување, РК Вардар со критика за работата во „куќата на ракометот“

82

Ракометната федерација на Македонија денеска го одржа  редовно годишно Собрание на кое беше усвоена нова измена во системот на натпреварување во машката ракометна Супер лига и во системот на натпреварување во Женската лига.

Од следната сезона, машката Супер лига од сегашните 12 се проширува на 16 екипи кои ќе бидат поделени во две групи по осум, ќе се игра еднокружно во регуларен дел, а потоа најдобрите четири од двете групи продолжуваат во плеј-офот. Екипите од 5 до 8 место од двете групи ќе разигруваат за опстанок во плеј-аут.

Првото место од регуларниот дел во плеј-оф, односно петтото место во плеј-аут, носи 3 бода, потоа 2, 1 и 0. Повторно следува еднокружно, дома и гости, 14 кола.

Петото место во плеј-аутот носи опстанок во Суперлига, екипата што ќе биде шеста во суперлигашкиот плеј-аут, ќе игра бараж со третопласираниот тим од Првата лига, додека седмиот и осмиот тим од плеј-аут испаѓаат во Прва лига. Директно место во елитното друштво обезбедуваат прво и второпласираниот тим од прволигашката конкуренција.

Предлогот за проширување на лигата беше поддржан од 30 од вкупните 31 клубови што играат во Суперлигата и во Првата лига. УО на РФМ го разгледа и го усвои предлогот, а Собранието со едногласан одлука го потврди.

На годишното Собрание, РФМ го презентира и извештајот за работата во изминатата година и финансискиот извештај. Приходите на РФМ за изминатата година изнесувале 115.137.311,00 денари, додека расходниот дел е во износ од 107.436.384,00 денари, односно, „куќата на ракометот“ ја заврши годината со 143.831,00 денари во позитива., средства кои, како што информираа, во најголем дел биле употребени за учеството на машката ракометна репрезентација на Македонија на ЕП 2022 во Унгарија и Словачка.

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, во своето обраќање пред членовите на Собранието, ги сумираше резултатите од работата и постигнатото во изминатиот период. Осврнувајќи се на настапот на машката репрезентација на Македонија на ЕП 2022, Мукаетов истакна дека лично не е задоволен од 22.место и дека смета дека можело да биде и подобро, но посочи дека „нова енергија во моментов е ангажманот на селекторот Лазаров и на неколку големи ракометни имиња во стручниот штаб.

До крајот на годинава, Македонија ќе биде домаќин на две големи натпреварувања, Светското првенство за кадетки и Еврпското првенство за сениорки во заедничка организација со Словенија и со Црна Гора. Мукаетов истакна дека развојот и промоцијата на македонскиот ракомет се главна цел пред ракометните работници.

„Претстои период со големи  предизвици во кој сите треба да работиме со една и единствена цел, развој и промоција на македонскиот ракомет“ – истакна претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

„Конструктивна критика“ за работата на РФМ, во писмена форма пред Собранието испрати претседателот на РК Вардар и поранешен претседател на РФМ, Михајло Михајловски, укажувајќи дека „почна да недостасува креативност и транспарентност во работата на РФМ“, дека РК Вардар не се согласува со повтрното проширување на Супер лигата со кое се оди на квантитет за сметка на квалитетот, побараа ревизија на правилото за странци. Михајловски се осврна и на резентативните успеси, дека и покрај континуитетот во настапите, резултатите на машката репрезентација на големите натпреварувања во изминативе неколку години одат во надолна линија.