Годишна награда на Народната банка за млади истражувачи за најдобар научен труд за макроекономија и банкарство

21

Народната банка ги потсетува младите истражувачи дека е распишан Конкурсот за Годишната награда за 2022 година за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството. Конкурсот, кој се организира изминатите 15 години, има за цел да ја поттикне научната мисла и да афирмира млади истражувачи.
Право за учество на Конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија на возраст до 35 години, со исклучок на вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка.
Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување. Еден автор има право да поднесе само еден труд и тој може да се достави на македонски, албански или на англиски јазик,посочуваат од Народната банка.
Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со трудови коишто веќе биле објавени (но не пред 1 јануари 2020 година). Рокот за доставување труд е до 1 февруари 2022 година.
Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд изнесува 100.000 денари, нето. Доколку второрангираниот труд е со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка може да додели и втора награда, во износ од 50.000 денари, нето. Покрај тоа, наградениот труд се презентира пред стручната јавност на настан организиран од Народната банка и се објавува на веб-страницата на институцијата. Изминатите неколку години, наградените трудови беа презентирани на сесија на Клубот на истражувачите формиран од Народната банка.
Низ годините, Конкурсот за Годишната награда на Народната банка генерираше голем број квалитетни анализи и делуваше како истражувачки центар за младите истражувачи од областа на економијата и финансиите. Народната банка ги поттикнува сите млади истражувачи од сферата на макроекономијата и банкарството да го погледнат конкурсот на следната врска: https://bit.ly/Godisna_nagrada.
Конкурсот беше распишан во јуни оваа година.