Годинава само 1.250 граѓани ќе летуваат на државна сметка по стари цени

Хотелиерите бараат повеќе ваучери од државата. Тие не се задоволни од 1.250 ваучери кој државата годинава ќе го додели на семејства со ниски приходи. Ако овие 1.250 ваучери се претворат во пари, тоа значи дека туристичкиот сектор годинава ќе добие 250 илјади евра што за една туристичка сезона не значи ништо. Велат дека немаат веќе залихи од 2019 година, кои ги потрошија лани за плати и други трошоци, а годинава не планираат ниту зголемување на цените на сместување и храна и покрај тоа што во државата сè е поскапено

80

Државата годинава ќе додели само 1.250 ваучери за туризам. Оваа бројка е многу помала од лани кога беа доделени 100 илјади ваучери, од кои беа искористени околу 60 илјади. И покрај тоа што вредноста на ваучерите годинава е двојно поголема и изнесува 12.000 денари, сепак хотелиерите сметаат дека нема да го зголемат бројот на туристи и нема имаат никаков финансиски бенефит. Ако се претворат овие 1.250 ваучери во пари, тоа значи дека туристичкиот сектор годинава ќе добие 250 илјади евра што за една туристичка сезона не значи ништо. Од Хотелската асоцијација на Македонија бараат зголемување на бројот на ваучери со оглед на тоа дека ова ќе биде многу тешка година за хотелиерството во Македонија. Хотелите немаат веќе залихи од 2019 година, кои ги потрошија лани за плати и други трошоци, а годинава не планираат зголемување на цените на сместување и храна.

Крсте Блажевски за ВЕЧЕР вели дека бараат Министерството за економија уште еднаш да ја разгледа можноста за доделување на дополнителен број ваучери, бидејќи и доколку би се искористиле 100 отсто од ваучерите годинава, тоа ќе бие за 30 до 40 отсто помалку пари од лани.

-И покрај тоа што се исполни нашето барање и двојно се зголеми вредноста на ваучерите од 100 на 200 евра, нивниот број годинава значително се намали. Лани имавме 100 илјади ваучери од кои беа искористени околу 63 отсто. Што значи дека од еден милион евра, колку што беа на располагање, се искористија околу 600 илјади. Оваа година се доделуваат само 1.250 ваучери што вредносно значи 250 илјади евра или четири пати помалку од лани. Доколку годинава се искористат 100 отсто, што не е можно тогаш доаѓаме до сознание дека ќе имаме 30 до 40 отсто помалку пари од лани, вели Блажевски.

Тој додава дека годинава која е финансиски потешка од лани наместо да се зголеми бројот на ваучери и на хотелиерите да им се стават на располагање повеќе пари, државата им дава само 250 илјади евра, што е многу малку за 150 хотели во охридско-струшкиот регион.

– Ако лани имавме залихи од 2019 година кој ги трошевме за плати и други трошоци годинава немаме и токму затоа бројот на ваучери треба да биде поголем. Ова ќе биде голем удар за хотелиерството кое годинава го чека многу тешка година. Имаме многу мал број резервации од странски гости, кои во мај воопшто ги немавме. Очекуваме годинава да имаме поголем број странски гости  од лани, а најави за нивно пристигнување има кон крај на јуни и почеток на јули, вели Блажевски.

Хотелиерите кој оваа сезона не очекуваат бум од туристи сметаат дека со повеќе ваучери може да се спаси туристичката сезона, ако се знае дека Грција веќе се отвори, а постојано се во опција и аранжманите во Албанија и Црна Гора.

Што се однесува до цените за сместување и за храна, од ХОТАМ информираат дека оваа сезона нема да има зголемување на цените и покрај тоа што цените на голем број производи во државата се поскапени.

Од Министерство за економија информираат дека станува збор за ваучери до редовната годишна програма кои немаат врска со ланската мерка кога Владата подели околу 100 илјади ваучери за туризам. Ваучер за одмор годинава ќе добијат сите лица со ниски приходи кои ќе аплицираат на јавниот повик и чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето-износ од 30.000 денари.

(А.С.)