Годинава нема да се набавуваат еколошки автобуси

555

Набавката на 250 еколошки автобуси е дел од четиригодишната програма на Град Скопје. Од буџетот во 2022, голем дел од финансиските средства се наменети за плаќање на милионските долгови наследени од претходното раководство на Градот, како и на повеќегодишни договори кои ги склучило претходното раководство надвор од својот мандат. Овие долгови мора да се исплаќаат со средствата што ги има Град Скопје на располагање од буџетот од оваа и следните години, објаснија градските власти

Градот Скопје нема средства да исполни едно од ветувањата на градоначалничката Данела Арсовска. Станува збор за набавката на 250 нови еколошки автобуси, кои беа предвидени во програмата на Арсовска, во текот на нејзиниот четиригодишен мандат.

Од Градот велат дека автобусите засега не можат да се набават поради тоа што парите што се во градската каса, ќе ги употребат за плаќање на милионските долгови што ги направило претходното градско раководство.

– Набавката на 250 еколошки автобуси е дел од четиригодишната програма на Град Скопје. Од буџетот во 2022 година, голем дел од финансиските средства се наменети за плаќање на милионските долгови наследени од претходното раководство на Градот, како и на повеќегодишни договори кои ги склучило претходното раководство надвор од својот мандат. Овие долгови мора да се исплаќаат со средствата што ги има Град Скопје на располагање од буџетот од оваа и следните години – објаснија градските власти.

Освен тоа, годинава нема да се воведе ниту бесплатниот јавен превоз, туку тој, како што последно кажа Арсовска, ќе се реализира за две години, пред истекот на втората година од нејзиниот мандат, бидејќи, како што посочи, се работи на реорганизација на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), кое досега завршуваше со долгови, односно како загубар и треба да се детектираат сите слабости во неговото работење.

Според Арсовска, најпрвин претпријатието треба да излезе од долговите, а потоа да се воведе бесплатен превоз, и тоа првично на оние категории на кои им беше ускратено ова право, односно пензионерите и редовните студенти и трето, изнаоѓање начини за детектирање на финансиски средства преку донатори за набавка на прва транша на автобуси, а понатаму ќе се види како ќе биде финансирањето.

(А.П.)