ГлаксоСмитКлајн за МИА: Сите вакцини испратени во Македонија се во согласност со нормите

5

Белгиската фармацевтска компанија ГлаксоСмитКлајн (ГСК) која ја произведува МПР вакцината што се користи во Македонија за МИА вели дека од нивна страна сѐ е регуларно и дека се води истрага околу инцидентот во Македонија.

Портпаролката на ГСК, Елизабет Вандам, во писмен одговор во Брисел порача дека фирмата била информирана за проблемот околу етикетите и амбалажата во Македонија и дека моментално води истрага за случајот, јави дописничката на МИА во Брисел.

-Нашите вакцини Приорикс се испратени до дистрибутер во Македонија, Македонија Лек. Можеме да потврдиме дека сите вакцини Приорикс се испратени директно од местото на производство во Вавре, Белгија и дека овие вакцини ги почитуваат стриктните правила и нормите на квалитет на Европската Унија, стои во дописот.

ГСК води истрага за ситуацијата и “тесно соработува“ со локалните власти во Македонија како и со дистрибутерот јави МИА од Брисел.