Гитаристот на групата „Квин“ Брајан Меј доживеал благ мозочен удар

208
Фото:википедија

Гитаристот на Квин, Сер Брајан Меј, откри дека неодамна доживеал мал мозочен удар, поради што не можел да ја користи левата рака.

Сепак, 77-годишната рок легенда вели дека сега е добро и дека има доволно движење за повторно да свири.

„Добрата вест е што можам да свирам гитара по настаните во последните неколку дена“, рече Меј во видеото објавено на неговата веб-страница, пренесе Би-би-си.

Како што изјавил музичарот, се се случило како „гром од ведро небо“.

„Одеднаш немав никаква контрола над таа рака. Морам да признаам дека беше малку страшно“, додаде тој.

Тој ги пофали лекарите во болницата Фримли во Сари, каде што беше.

„Значи, добрата вест е што сега сум добро. Само го правам она што ми е кажано. Ме ’казнуваат’ на некој начин, не смеам да излезам, не ми дозволуваат возам, не ми е дозволено да се качам во авион, не ми е дозволено да го правам тоа што премногу би го зголемило пулсот“, додаде Меј.

Сер Брајан Меј го снимил видеото на отворено, а бидејчи авион се слуша над него, се пошегува: „Не ми е дозволено да летам со авион, но добро сум“.

Тој исто така додаде дека не се огласил јавно во моментот на малиот мозочен удар бидејќи не сакал неговото сандаче да биде преплавено со пораки.

„Ве молам, не правете го тоа бидејќи ќе ми го натрупате сандачето, а јас го мразам тоа“, рече тој.

Мозочниот удар доаѓа четири години откако доживеа „помал“ срцев удар.

Во тоа време, тој рече дека бил шокиран кога сфатил дека не е толку здрав како што мислел и дека е „многу блиску до смртта“.

Тој открил дека три од неговите артерии се „затнати и се во опасност да го блокираат протокот на крв во срцето“, а потоа имал операција за вметнување три стента.