„Taftalidze Shuffle“ новиот албум на Влатко Стефановски, со кој гитаристот ја продолжува соработката со дискографската куќа „Croatia Records“, ќе биде објавен денес, 20 -ти ноември. На новиот албум Влатко Стефановски е придружуван од подмладеното Трио во кое членуваат басистот Иван Кукиќ, како и неговиот син Јан Стефановски на тапани.

Како што соопшти „Croatia Records Македонија“, и овој албум, како и сите соло-проекти Стефановски му го има посветено на својот град, нашето единствено Скопје, населбата Тафталиџе, која е неговото маало… Затоа песните се интимни и лични, а повторно толку блиски секому, заради сензибилитетот кој го носи музиката на Влатко Стефановски.

Албумот „Taftalidze Shuffle“ е создаван во периодот од јануари до октомври 2020-та, а текстовите се пишувани од април до јуни оваа година.

“Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика. И многу сум задоволен од резултатот, изјави Влатко Стефановски“, зборувајќи за својот креативен процес.

Албумот е сниман во домашното студио на Влатко – „Езотерија“, додека миксот и мастерингот се работени во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски. На албумот има и многубројни гости. Најбројни се клавијатуристите: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ и Васил Хаџиманов. Придружните вокали се на Андријана Јаневска, додека познатиот кавалџија Теодосиј Спасов во една песна свири труба. Меѓу гостите на албумот е и актерот Никола Ристановски, кој во песната „Дијаспора“ има мал речитатив. Дизајнот на обвивката е дело на уметникот Ладислав Цветовски.

„Taftalidze Shuffle“ претставува извонредна колекција на вокални и инструментални теми на Влатко, низ кои бојата на неговата гитара е нешто што вечно останува во меморија на слушателот. Албумот содржи девет теми: Taftalidze Shuffle, Funky junkie, Игранка, Гаража, Global Warming – local freezing, Огледало, Немам песна за тебе, Раскрсница, Дијаспора.

Освен на компакт-диск, „Taftalidze Shuffle“ на Влатко Стефановски кон крајот на декември „Croatia Records“ ќе го објави и на винил.