ЕУ да остане посветена и одлучна за забрзана интеграција на земјите од регионот, напиша шефот на дипломатијата Бујар Османи на социјалните мрежи по, како што наведе, продуктивната средба со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, во рамки на работната посета во Брисел, со фокус на ЕУ-досието на земјава.

– Во фокус: нашето ЕУ-досие; високото ниво на подготвеност на нашата администрација за успешен скрининг-процес; уставните измени како наша преземена обврска со цел забрзана интеграција во ЕУ. Северна Македонија останува посветена во реализацијата на најголемата надворешно- политичка стратешка цел до 2030 година, но и ЕУ да остане посветена и одлучна за забрзана интеграција на земјите од регионот со цел опипливи економско-социјални придобивки за нашите граѓани – стои во вчерашната објава на Османи.

Министерот Османи денеска престојува во работна посета на Брисел, каде што, заедно со своите колеги од регионот, учествува на Советот за надворешни работи на ЕУ, посветен на Западен Балкан.

Во однос на македонските евроинтеграции, евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, смета дека треба да се искористи моментумот за напредок во пристапните преговори за зачленување во ЕУ.

– Се наоѓаме во многу специјален момент од историјата, кога процесот на проширување е поставен како врвен приоритет на агендата на ЕУ, што значи дека работите може да се развиваат многу брзо. Земјава може да ја зграпчи таа можност, тој моментум за да може да се придвижи напред, а следниот чекор што треба да се направи е измена на Уставот – изјави денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Гир.

Според него, преговорите со Европската Унија се пат по кој може да се продолжи со измена на Уставот.

– Всушност, веќе имаме отворено пристапни преговори, начин кој е навистина отворен и многу јасен пат пред вас. Исто така, од друга страна, за да може да се комплетира целиот овој процес, следниот чекор што треба да се направи е измена на Уставот. Се разбира дека тука зборуваме за суверена одлука, која треба да се направи од страна на вашата држава. Меѓутоа, зборуваме за една одлука која е суштествено значајна за да може да се придвижиме напред – изјави амбасадорот Гир.

Тој напомена дека за динамизирање на процесот на евроинтеграциите, клучни се и реформите, а, како што истакна евроамбасадорот, колку побрзо се спроведуваат реформите толку побрзо ќе биде и самото зачленување на земјата во ЕУ.

Процесот на европска интеграција на Македонија е безбедносно прашање, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска, затоа што сите отворени прашања во државата и во регионот може да бидат злоупотребени и малициозно искористени за несакани дејства и за подгревање на страстите. Таа посочи дека околу прашањето за евроинтеграциите и уставните измени, политичарите треба да го предводат народот, а не да се кријат зад него.

– Знам дека е тешко да зборуваме за уставни измени, знам дека е тешко да се зборува за политички отстапки, но големите лидери во политиката се распознаваат по своите дела и не се кријат зад народот. Лесно е да кажете, ајде за секое второ прашање да го прашаме народот. На крајот на краиштата, седиме на позициите на кои седиме затоа што ние треба да ги носиме решенијата и ние треба да ги носиме одлуките – потенцираше Петровска за „Утрински печат“, додавајќи оти политичарите многу помалку треба да се кријат зад народот, а многу повеќе треба да го предводат, зашто во даден момент, во тие историски носени одлуки, зависи иднината на државата.

(И.С.)