Македонскиот научник Марјан Божиновски, кој докторирал технички науки на универзитетот во Алборг, Данска, направил симулации за две сценарија, за да открие какви ефекти би имало доследното почитување на мерката за носење заштитни маски. Божиновски дошол до фрапантен резултат: за 10 до 12 дена од почетокот на масовното носење маски, веќе нема новозаразени и кумулативниот број на заразени повеќе не се искачува.

 

 

 

Носењето маски значително го намалува бројот на новозаболени од ковид-19 на дневно ниво, покажала најновата анализа на германски стручњаци која имала за цел да го квантифицира влијанието на носењето маски. Истражувањето направено во германскиот град Јена покажало дека со дисциплинирано носење маски дневно се намалува бројот на новозаболени за 40 проценти. За десетина дена, бројот на новозаразени паднал на нула.

Медиумите објавија дека, според овие параметри, и македонскиот научник Марјан Божиновски, кој докторирал технички науки на универзитетот во Алборг, Данска, направил симулации за две сценарија, за да открие какви ефекти би имало доследното почитување на мерката за носење заштитни маски.

Според првото сценарио, Божиновски земал дневен пораст на бројот на новозаболени од 10 проценти, а според второто, порастот бил 2 отсто. Тој претпоставил и други параметри. Почетниот кумулативен број на потврдени заразени го утврдил на три илјади, почетниот дневен број на новозаразени на 150. Според сценариото, првите 14 дена не се носеле маски. Тие почнале да се носат на 15-тиот ден и тоа со претпоставена дисциплина како во градот Јена.

Божиновски дошол до фрапантен резултат: за 10 до 12 дена од почетокот на масовното носење маски, веќе нема новозаразени и кумулативниот број на заразени повеќе не се искачува.

Дека кај нас недостасува германската дисциплина покажува фактот дека бројот на новозаболени не само што не се намалува, туку во последните неколку недели во земјава се бележат трицифрени бројки на заразени од ковид-19. И покрај апелите за носење маска и држење дистанца, како и воведените протоколи, епидемијата не стивнува. Најмногу случаи и натаму има главниот град, а од скопските општини предничи Чаир.

Сто триесет и шест нови случаи на заболени од ковид-19 беа регистрирани завчера, оздравеле 123 заболени, а шест лица починале. Направени се 991 тестирања.

Од почетокот на епидемијата досега во земјава се регистрирани 8.111 случаи на заразени лица, излекувани се 4.203 лица, а починаа 382. Бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.526.

Во последниов период најмногу нови случаи се бележат во Скопје, каде има 1.838 активни случаи, во Куманово се активни 186, во Дебар 89, Штип 172, Прилеп 63, Тетово 320, Струга 161, Велес 35, Битола 26, Охрид 133, Кавадарци 17, Гостивар се активни 143, Гевгелија 2, Струмица 16, Крива Паланка 9, во Радовиш се активни четири случаи, Крушево 7, Кочани 15, Пробиштип 24, Демир Хисар 7, Македонски Брод се активни четири случаи, Пехчево 1, Берово 1, Виница 1, Кратово 3, Свети Николе 110, Кичево 62, Ресен 82 и Неготино три случаи.

По општини во Скопје, најмногу активни случаи се бележат во Чаир – 300, Аеродром – 159, Бутел – 131, Гази Баба – 189, Центар – 138, Карпош – 140, Сарај – 120, Кисела Вода – 108, Ѓорче Петров – 105, Студеничани – 110, Шуто Оризари – 79, Арачиново – 43, Илинден – 23, Петровец – 18, Чучер Сандево – 11, Сопиште – 9, Зелениково – 14, пет странци и 128 случаи се нераспределени.