Германија ќе преговара со Русија за набавка на„Спутник V„

24

Германскиот министер за здравство,Јенс Шпан, ќе води билатерални разговори со Русија околу набавка на вакцината Спутник V. Баварија веќе потпиша договор за купување на 2,5 милиони дози на руска вакцина откако ЕМА ќе ја одобри

Европската комисија во средата, на советувањата на министрите за здравство на ЕУ, најави дека од своја страна не сака да склучува договори за испорака на вакцина од Русија, изјави германскиот министер Јенс Шпан во интервју за радиото ВДР5. Потоа тој во име на Германија објаснил дека „ние ќе разговараме со Русија билатерално“, објави „Дојче веле“.

Со Русија сега прво треба да се разјаснат две прашања, вели Шпан. Прво, Русија би морала на Европската агенција за лекови (ЕМА) да ѝ достави дополнителни податоци, за регулаторното тело да може да донесе одлука за дозвола на „Спутник V“. Без дозвола на ниво на ЕУ, вакцината не би можела да се употребува во Германија.

Од друга страна, Шпан од Русија очекува „обврзувачка изјава за тоа кога и колку количества вакцини би можеле да ѝ бидат доставени на Германија откако би се добила дозвола од ЕМА. За навистина да се забележи напредок во нашата актуелна состојба, доставата на вакцината би морала да се случи веќе во наредните два до четири, пет месеци,“ вели Шпан. Во спротивно, „и онака ќе имаме доволно вакцини, на овој или оној начин“.

Како што јавија медиумите,германската покраина Баварија потпиша договор за купување на 2,5 милиони дози на руска вакцина против коронавирус Спутник V, откако ќе биде одобрена од европските регулатори. Баварскиот премиер Маркус Зедер изјави дека Баварија потпиша меморандум за разбирање за снабдување на Спутник V.

„Ако вакцината Спутник V биде одобрена од ЕМА, Баварија се очекува да добие околу 2,5 милиони дози преку компанија што би ја произвела вакцината во баварскиот град Илертисен“, рече Зедер. „Производството во Илертисен може да започне оваа година“, рече министерот за здравство на Баварија, Клаус Холечек.

Ваквите планови на Баварија наидоа на критики. Покраината Долна Саксонија нема да презема самостојни чекори, нагласи покраинскиот премиер Штефан Вајл. „Ние се држиме до договорените процеси. Фактот што тоа го прави токму колега, кој инаку секогаш со силни зборови бара унифицирано однесување во борбата против пандемијата, зборува за себе“, вели Вајл.