Европското првенство во ракомет се наоѓа во хаотична ситуација поради зголемувањето на бројот на заразени ракометари со коронавирус. Тоа на своја „кожа“ најдобро го почувствува македонскара селекција, бидејќи селекторот Кирил Лазаров на овој шампионат не можеше да смета на неколку стандардни репрезентативци, па можеби тоа беше една од причините за завршување на настапот уште во првата групна фаза.

Практично сите репрезентации имаат огромни проблеми, ги откажаа подготвителните натпревари, менуваа и се уште менуваат тимови, па одамна се наметнува заклучокот дека тоа не се најсилните селекции на ЕП. Сепак, турнирот се уште се игра и покрај целосниот хаос.

Во таква ситуација веројатно најтешка е ситуацијата во германската селекција каде мака мачи да организира тренинзи пред почетокот на втората фаза во која треба да играат против Шпанија, Норвешка, Шведска и Русија.

Германија во моментов има на располагање дури 12 играчи, а селекторот може да смета на 13 на претстојниот натпревар против Шпанците. Во таква ситуација тој практично секојдневно повикува нови ракометари од Бундеслигата, а раководството на федерацијата и лигата оправдано го поставува прашањето – има ли повеќе смисла?

  • Тоа е она од што најмногу се плашевме. Дури и пред новите случаи на корона во средата, имавме деветмина позитивни на Европското првенство. Селекторот Алфред Гисласон постојано повикува играчи од Бундеслигата и секако нема смисла да повикува по тројца или по пет нови играчи секој ден, додека бројот на заразени во светот постојано расте, изјави претседателот на Германската ракометна федерација, Уве Швенкер.

Германците како опција размислуваат и за повлекување од турнирот.

  • Ќе го направиме она што отсекогаш било најдобро, ќе разговараме еден со друг, истакна Уве, оставајќи им можност едноставно да ја прекинат тортурата и да се повлечат.