Германската економија малку ослабнала во првиот квартал и паднала во рецесија, покажаа ревидираните проценки на Заводот за статистика, откривајќи силен инфлаторен притисок врз личната потрошувачка.
Сезонски и ценовно приспособениот бруто-домашен производ (БДП) во првите три месеци од годината паднал за 0,3 отсто во однос на претходниот квартал, кога вредносно ослабнал за 0,5 отсто, покажуваат новите проценки на „Дестатис“.
Првата проценка покажа стагнација на активноста на почетокот од годината.
Во однос на првиот квартал од минатата година, БДП е намален за 0,5 отсто во првите три месеци од годинава. Претходната проценка на „Дестатис“ покажа пад на активноста од 0,1 отсто.
– Откако БДП-то веќе на крајот од минатата година се лизна во негативно подрачје, германската економија забележува два негативни квартала по ред – рече претседателката на „Дестатис“, Рут Бранд.
Ако економијата се намалува два квартала по ред, економистите зборуваат за техничка рецесија, потсетува агенцијата ДПА.
Високата инфлација ја лиши економијата од поддршка за личната потрошувачка, покажуваат новите податоци. Личната потрошувачка е намалена за 1,2 отсто во однос на крајот на 2022 година, кога се намали за 1,7 отсто.
Домаќинствата во првите три месеци од годинава помалку трошеле за храна, пијалаци, облека, обувки и за мебел, посочуваат статистичарите.
Иако растот на цените во последно време е забавен, априлската стапка на инфлација од 7,2 отсто сè уште е висока.
Позитивни импулси беа бруто-инвестициите на компаниите и извозот, кои бележат раст од 3,0 отсто, односно 0,4 отсто во однос на претходните три месеци.
Зголемени се инвестициите во градежниот сектор поради поволните временски услови и инвестициите на компаниите во опрема, како машини, уреди и возила.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Европската комисија очекуваат германската економија годинава, повеќе или помалку, да стагнира, а германската Влада предвидува раст на активноста од 0,4 проценти.