Германија ги отвора вратите за странци, ама Германците не сакаат да им издаваат станови

139

Четириесет проценти од Германците не би издале стан на странец, а 30 проценти не би сакале странец за сосед, покажува истражувањето на Канцеларијата на Владата на Германија за борба против дискриминација, пренесува агенцијата Хина.

– Често е доволно само презимето кое звучи странски, па воопшто да не се добие повик за разгледување на стан. И расистичките огласи за станови, за жал, се уште се вообичаена пракса, вели Бернард Франке, раководител на таа канцеларија, пренесува агенцијата.

Тој побарал законска забрана за такви огласи, како што е тоа веќе случај со огласите за вработување, па на погодените им препорачал поднесување на казнена пријава.

Отштета поради оглас  „само за Германци“

Според истото истражување, повеќе од половина од испитаните не би издале соба во сопствениот стан на доселеници.

При потрага за стан 35 отсто од лицата со доселеничка заднина, што не се однесува само на свежо доселени, туку и на личности  кои во Германија се второ поколение, се соочиле со дискриминација.

Кон крајот на минатата година еден станодавец е осуден на плаќање отштета на еден потенцијален станар , доселеник од Африка, затоа што во огласот стоело дека станот се издава само на Германци.

Продолжување на трендот

Последното испитување покажува продолжување на сличен тренд  кој е присутен во земјата од порано.

Во 2017 година неделникот Дер Шпигел и јавниот сервис БР спровеле истражување кое покажало значителна дискриминација на странците на пазарот на недвижности.

Притоа, посебно се погодени  лицата со арапски и турски презимиња  и тоа особено во големите градови, како Минхен и Франкфурт, потсетува Хина.