Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија се наши најголеми трговски партнери

48

Во периодот јануари – март 2019 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија, објави Државниот завод за статистика.

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – март 2019 година, изнесува 94 088 633 илјади денари и бележи пораст од 16.7% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – март 2019 година, изнесува 122 337 629 илјади денари, што е за 11.4% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – март 2019 година, изнесува 28 248 995 илјади денари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – март 2019 година, изнесува 76.9%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.