Герасимовски: Центар ќе се гради со целосно законско работење, тимови архитекти и мешана советничка листа

24

Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на општина Центар и носителката на листа Андријана Будимир од СДСМ и Коалицијата денеска присуствуваше на дебатата со Шанса за Центар откако беа повикани за дискусија поврзана со приоритетите на општината во следните четири години.

Фокусот на дискусијата беше поврзана за урбанизмот и лошите детални урбанистички планови, развојот на спортот и културата како и визијата на долг рок на општина Центар не само преку потпишување на градежни дозволи туку и во спроведување во пракса. На прашањето за политичкиот притисок околу урбанистичките градби Герасимовски рече дека нема да дозволи да преовладува политиката затоа што во Центар сака да спроведе градење со строго почитување на законите.

„Добро е што сега имаме мешан совет кој нема да дозволи во ниту еден сегмент да се меша политиката како што до сега се мешала. За доброто на Центар треба да работиме и затоа политиката ќе ја тргнеме настрана. Ние сме таму за да работиме за доброто на граѓаните преку почитување на законите. Целосно законско работење, тимови со архитекти кои заедно ќе даваат добри предлози како ќе се гради и како ќе се развива општината, а и секако да повторам поквалитетна советничка група која заедно со градоначалникот и со општинските служби ќе донесат решенија за тоа како ќе изгледа Центар“, изјави Герасимовски.

Герасимовски на дискусијата повторно повтори дека сите ДУП-ови кои не се донесени ќе се донесат и во следниот период нема да има градби надвор од законите. Тој рече дека неговата цел ќе биде да се зачува што повеќе зеленило но и да се обезбедат повеќе резидентни паркинг места за станарите во општина Центар. Исто така напомена дека ќе работи транспарентно и ќе овозможи пристап до сите информации во општината за граѓаните.

На првата дебата со Шанса за Центар не пројави интерес Наташа Котлар кандидатката за градоначалник на општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ но и ниедна друга советничка група.

Горан Герасимовски – Кандидат за градоначалник за општина Центар од СДСМ