Герасимовски: Сега е време да се обединиме околу една заедничка цел – нашата општина да продолжи напред

7

Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ и Коалицијата им порача на граѓаните дека општина Центар е срцето на градот и лулка на демократијата во нашата земја, а неговите сограѓани центарци секогаш избираат одговорна, транспарентна и демократска власт која ќе работи само во нивни интерес.

-Граѓаните во мојата општина покажаа заби и први му се спротиставија на ВМРО-ДПМНЕ кое преку насилство, поткуп и влечење луѓе за уши сакаше да го поништи нивниот избор во 2013 година. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ многу се лажат ако мислат дека центарци го заборавиле нивното уништување и дивеење во општината. Се лажат дека е заборавен криминалот тежок една милијарда евра кој го правеа преку грбот на граѓаните уништувајќи им ги населбите, маалата и Водно. Центарци не заборавија како ВМРО-ДПМНЕ менува ДУП-ови во три часот наутро“, порача Герасимовски во денешното видео на социјалните мрежи.

Тој истакна дека чесно, отчетно и транспарентно работење е негова одлика и затоа како иден градоначалник нема да отстапи ниту една педа од интересот на граѓаните во општина Центар.

„ Во мене ќе имате партнер за заедничко решавање на сите проблеми во општината. Центар секогаш бира демократска и одговорна власт и верувам дека тоа и на овие избори ќе го потврдиме. Центар не смее да се враќа назад и сигурен сум дека тоа нема да го дозволите. Изборот е јасен. Бираме дали сакаме власт која слуша и одговорно владее или пак власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ која докажано работеше и ќе работи спротивно интересите на нас центарци“, изјави Герасимовски.

Тој ги повика граѓаните но и оние кои гласаа за другите кандидати обединети да излезат на гласање во вториот круг затоа што верува дека сите се борат за иста цел, а тоа е Центар да го води способна, демократска и одговорна власт, изјави Герасимовски притоа истакнувајќи дека од гласот на народот зависи во каква општина ќе продолжат да живеат.

„Сега е време да се обединиме околу една заедничка цел – нашата општина да продолжи напред!“, порача Герасимовски.