Герапетритис со смирен тон од Скопје – „тивко“ зборуваше, далеку се слушна

Дипломатска политика со смирени тонови наместо очекувањето за критики околу спроведувањето на Преспанскиот договор демонстрираше грчкиот шеф на дипломатијата, Јоргос Герапетритис, во текот на неколкучасовната посета на Скопје. Герапетритис, кој и по реконструкцијата на грчката Влада останува министер за надворешни работи, не ја отвори темата околу името на Македонија, туку испрати порака дека е важно да се гарантира европскиот тек на земјите од Балканот. Тој порача дека Грција ќе биде меѓу оние земји што ќе застанат до земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ. Македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, сподели дека не разговарале со Герапетритис за името, но и таа беше внимателна и во своето обраќање не го употреби терминот „Македонија“, па првиот грчки дипломат, во случајов, немаше ниту за што да реагира

201

Дипломатска политика со смирени тонови наместо очекувањето за критики околу спроведувањето на Преспанскиот договор демонстрираше грчкиот шеф на дипломатијата, Јоргос Герапетритис, во текот на неколкучасовната посета на Скопје. Герапетритис, кој и по реконструкцијата на грчката Влада останува министер за надворешни работи, не ја отвори темата околу името на Македонија, туку испрати порака дека е важно да се гарантира европскиот тек на земјите од Балканот. На самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа во четвртокот, Герапетритис пристигна попладнето, иако министерскиот состанок започна рано изутрината. Грчкиот министер не застана пред новинарите да даде изјава пред почетокот на состанокот, туку, по завршувањето на самитот, ги испрати своите пораки во изјава за грчката телевизија ЕРТ. Тој порача дека Грција ќе биде меѓу оние земји што ќе застанат до земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ, со почитување на демократијата и на владеењето на правото.

Грчкиот шеф на дипломатијата потсети дека Грција била една од земјите „кои го забрзаа формирањето на Меѓубалканската конференција“, но и земја силен поддржувач на ЕУ-перспективата на Западен Балкан, преку солунската агенда од 2003 година.

– Важно е да се гарантира европскиот тек на сите земји од Балканот и поширокиот регион во период на многу високи предизвици, со две војни во нашето пошироко соседство. Секако, и тоа е она што го нагласив на конференцијата, напредокот треба да се развива врз основа на конкретни предуслови, кои се формални и се однесуваат на почитување на демократијата, почитување на владеењето на правото, верно почитување на сите меѓународни договори и доследна усогласеност со сето она што е поврзано со Европската Унија, меѓународното право и, секако, почитувањето на правата на малцинствата – рече шефот на грчката дипломатија во изјавата за ЕРТ.

Македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, сподели дека со Герапетритис не била отворена темата за името, но и таа беше внимателна и во своето обраќање не го употреби терминот „Македонија“, па првиот грчки дипломат, во случајов, немаше ниту за што да реагира.

– Не беше отворена темата. Седевме еден до друг. Многу сум задоволна што дојде. Оставивме простор, бидејќи му доцнеше летот, да се обрати како последен. Пораките му беа регионално обоени, дека треба да си помагаме, да градиме владеење на правото, да го почитуваме меѓународното право, дека треба да продолжиме таму каде што имаше многу јасни определби на солунскиот самит. Тоа беа разговорите. Мислам дека атмосферата беше пријатна, пријателска. Беше и заменик-министерката за надворешни работи, со која се познаваме. Милам дека ние, луѓето од Балканот, кога е потребно, умееме да се разбереме. Многу сум задоволна, особено поради целосно усогласената декларација, која беше усвоена – рече Сиљановска-Давкова.

Прашана дали очекува, ако ја продолжи праксата со употребата на името на државата, да дојде до блокада од Грција и повлекување на поддршката за приклучување во ЕУ, како и евентуално други последици, претседателката кажа дека „не мисли дека го крши Уставот, и оти неупотребувањето на уставното име може да предизвика проблеми“.

– Да потсетам, моите документи, тие што ги потпишувам, тие што ги поседувам, пасошот, личната карта, сите документи што излегуваат од Кабинетот, се со уставното име. Тоа е во рамките на меѓународното право и во рамките на Уставот. Точно е дека секоја изјава на луѓето од политиката, од оние што се на функции, се толкува како да е официјален чин, но секој од нас има, како јин јанг, две лица, едно официјално и едно друго. Јас, како човек, имам право, повторувам од Сократ до денеска, во рамките на слободата и мислата, слободното изразување на мислата, да се изразувам така како што го правам тоа и не мислам дека е тоа кршење ниту на Уставот ниту на меѓународното право – истакна Сиљановска-Давкова.

Замор од чекање

На завршната прес-конференција на состанокот на ПСЈИЕ во Скопје, претседателката рече дека постои замор од проширувањето, но предупреди дека е уште поголем заморот од чекањето, дека ЕУ треба да го вклучи Западен Балкан и посочи дека е исклучително важно членките на ЕУ што се дел од Партнерството за соработка во ЈИЕ да ги поддржат земјите од Западен Балкан на европскиот пат. Сиљановска-Давкова рече и дека добрососедските односи се градат со добра желба, дијалог и со меѓусебна почит, а проширувањето е влог во мирот, безбедноста, стабилноста и во просперитетот.

Пораки за строго придржување до сите преземени обврски од меѓународното право, вклучувајќи го и Преспанскиот договор, испрати заменичката на Герапетритис и поранешна амбасадорка во Скопје, Александра Пападопулу. Во интервју за „360 степени“, таа посочи дека претседателот и премиерот не се обични граѓани и употребата на уставното име не е лично прашање.

Прашана зошто реагира Атина кога и новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и мандатарот Христијан Мицкоски изјавиле дека го почитуваат Преспанскиот договор и дека немаат намера да го стават под прашалник, Пападопулу вели дека „зборовите треба да бидат поддржани со дела“.

– Изјавите се празни зборови. Кога премиерот, претседателот или министерот за надворешни работи или министерот за одбрана зборуваат во официјален капацитет, тие ја претставуваат државата, а државата има уставно име, кое е утврдено и договорено со меѓународен договор заклучен во рамките на резолуции на Советот за безбедност на ОН. Дозволете ми уште еднаш да појаснам: ова име, уставното име на земјата, е име за севкупна употреба (ерга омнес), договорено во согласност со меѓународното право и мора да се почитува. Тоа не е лично прашање – изјави Пападопулу.

Таблите во Грција се менуваат

Во врска со тврдењата дека земјава исполнила огромен дел од обврските од Преспаниот договор, а Грција не ратификувала ниту три меморандуми, ниту, пак, ги сменила сообраќајните табли со Скопје и кратенката ФИРОМ, Пападопулу посочува дека, како резултат на Преспанскиот договор, земјава станала членка на НАТО и ги почнала пристапните преговори со ЕУ.

– Да ставите равенство на овие нешта со сообраќајни табли е дерогативно, не е исто. Искрено, се менуваат таблите во Грција. На многу табли пишува Скопје, а не старото име и на многу табли овде, во вашата земја, стои Солун или Атина. Кога ќе одите оттука до Грција, пишува Солун, тоа е насока кон градот, а не насока кон земјата. Сè ќе биде коригирано, тоа не е прашање. Да зборуваме за големите прашања. Преспанскиот договор беше за големите прашања – вели Пападопулу.

За нератификацијата, пак, на меморандумите во грчкиот Парламент, таа истакнува дека „меморандуми не се дел од Преспанскиот договор, меморандуми имало и порано, ќе има и во иднина и тие ќе бидат ратификувани. И вие овде имате заглавени меморандуми, но не велиме дека не го имплементирате Преспанскиот договор поради неколку меморандуми“.

Грчката заменик-министерка за надворешни работи не сакаше да зборува за потенцијални последици и се надева дека нема да дојде до таа точка.

На вчерашната средба со спикерот на македонскиот Парламент, Африм Гаши, пак, Пападопулу порачала дека „Северна Македонија има искрен пријател во Грција“.

-Тоа, рече Пападопулу, е пораката што ви ја носам од целото лидерство на Грција – дека ние сме пријатели, соседи, сојузници, партнери во НАТО, а еден ден ќе бидеме и партнери и во ЕУ, соопштија од Кабинетот на Гаши.