Градоначалникот Георгиески се уште не знае колку дивоградби ќе се уриваат во Охрид и долж езерото, а тоа ќе го покаже Студијата за влијанието врз животната средина. Тој најави дека акцијата за уривање на дивоградбите ќе продолжи наредните денови, откако ќе биде усвоен ребаланс на буџетот со кој се предвидени дополнителни два милиони денари за уривање
Колку од дивоградбите во Охрид и долж езерото ќе бидат урнати ќе покаже Студијата за евалуација на влијанието врз животната средина. Токму поради тоа, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески не знаеше да им го каже на новинарите точниот број на бесправни објекти впишани во регистарот на дивоградби во оваа општина, бидејќи смета дека некои од нив ќе бидат легализирани.
– Сега треба да се направи мапирање на тие објекти, тогаш ќе го знаеме точниот број. Меѓу нив има објекти изградени пред 15 години, така што процесот на уривање ќе се одвива постепено, чекор по чекор – изјави Георгиески.
Тој потенцира дека со правосилни решенија за отстранување се неколку објекти, така што оттаму и нивното отстранување не е со таква динамика каква што очекуваше јавноста.
– Има еклатантни примери за диви градби, со фото-документација од 2017 година, донесено решение за отстранување, решението за банална причина обжалено пред Управен суд кој пресудил во корист на странката која градела бесправно и во меѓувреме поднела барање за легализација – рече Георгиески.
Како таков пример тој го посочи хотелот кај Лагадин, за кој постои конечно решение за ништовност на дозволата за градба, но тоа решение не е правосилно, истото е обжалено пред Управен суд.
– Ние можеме да го отстраниме тој објект согласно тоа решение, но доколку судот донесе пресуда во корист на странката, ние како општина ќе мора да го обештетиме, рече тој, појаснувајќи дека има неколку објекти за кои има решение за уривање, а чии сопственици се штитат пред законот со правни лекови по судовите – рече Георгиески.
Акцијата за уривање на дивоградбите ќе продолжи наредните денови, откако ќе биде усвоен ребаланс на буџетот со кој се предвидени дополнителни два милиони денари за уривање.
– Процесот ќе е болен и тежок, ќе трае и година, две, а ќе мора да се поправаат сите грешки и аномалии дозволувани во минатото. Надлежностите за многу објекти се на Државниот градежен инспекторат, така што ни останува нам да постапуваме по оние објекти за кои имаме финансиски средства од помал обем, како и кај оние за кои сопствениците пројавуваат волја сами да го остранат објектот – рече градоначалникот.
Тој потенцира дека бил изненаден од состојбите со истечените договори за концесија на плажите.
– Постојат плажи кои години наназад работат и стопанисуват без договори, а никој не постапил за заштита на интересите на општината. И не е само општината, тука како алка во нефункционирањето на целиот систем, тука е пазарна инспекција, трудова инспекција, УЈП. Мора да има заеднички и координиран пристап на сите чиниели на власта, дали на централно дали на локално ниво. На крајот ќе испадне оние плажи кои се најголем проблем да бидат најбенигни, оттаму што тие работат без концесија две години, а има плажи кои се со истекнат договор од 2012 година – рече Георгиески.