Гевгелија доби мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот

18

Гевгелија доби мониторинг станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух.

Мерниот пункт е опремен со инструменти за озон, азотни оксиди, сулфур диоксид и јаглероден моноксид и мерење на PM10 и PM2.5 честичките, како и метеоролошки сензори. Мониторинг станицата беше набавена како дел од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција финансирана од страна на ЕУ.

Оваа мерна станица е само дел на мрежа на други мерни станици кои се инсталирани ширум Република Северна Македонија. Оваа мерна станица е направена сè со цел да обезбеди чист воздух за граѓаните во вашата општина, меѓутоа и ширум земјата. Ми претставува задоволство што ние како Европска Унија сме ја поддржале оваа иницијатива и ме прави посебно среќен што оваа мерна станица е дел или проект во рамки на прекуграничната соработка со Република Грција“, изјави шефот на Делегацијата на Европската Унија – Дејвид Гир.

За градоначалникот на Гевгелија ова е уште еден капитален проект со кој се потврдува концептот за зелена и европска Гевгелија.

„Со пуштање во употреба на оваа мерна станица заокружуваме уште една алка во кариката која недостасуваше. Сето тоа беше визија и концепт на гевгеличани кои ја поддржаа програмата за модерна европска и зелена Гевгелија“, потенцираше Сашко Поцков, градоначалник на Општина Гевгелија

Станицата ќе биде поврзана со националниот софтвер за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух и ќе биде дел од националната мониторинг-мрежа за следење на квалитетот на воздухот, со која управува македонскиот информативен центар за животна средина.