Тоа е момент кој нема име, искачувањето започна во еден по полноќ, температурите беа длабоко навлезени во минус, движиш без пауза бидејќи студот ќе те скамени ако застанеш дури и на минута. На врвот бевме точно на изгрејсонце, небото беше отворено, првите зраци по нас како да беа ангелска милина, како допирот на Бога. Тука византиски игри нема – или можеш или не, подлоста да измамиш се плаќа со живот!, вели Борис
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Во животот, разликата помеѓу успехот и неуспехот помалку или повеќе се должи на храброста. Гевгеличанецот Борис Димов, член на ПСК „Двете уши“ пред неколку дена, поточно на 19 септември храбро и решително, го искачи Арарат со 5.137 метри надморска височина. Планината Арарат е завеан и заспан вулкан на крајниот исток на Турција.
Приказната за Ное и неговата арка е поврзана со врвот Арарат. Според Библијата во „горите на Арарат“ застанала арката на пророкот Ное, откако стивнал светскиот потоп. Во Ноевата арка спасени се сите животни и човештвото. На врвот Арарат, според некоја статистика, сите кои тргнале да се искачуваат, од нив се имаат искачено само 67 отсто, што значи дека една третина од луѓето не успеваат да стигнат до врвот од различни причини, најчесто тоа е висинската болест, или некои други проблеми, коишто може да се јават во текот на искачувањето.
Инаку, Борис по професија е наш колега, новинар, затоа што дипломирал на Факултетот за журналистика и масовни комуникации во Софија.
Во мошне интересниот разговор со него, за весникот ВЕЧЕР, дознаваме нешто повеќе за неговата личност, неговата потреба од „бегство“ во природа од општествената реалност, подготовките за овој негов потфат, тешкотиите при искачувањето на Арарат и чувството кога стапнал на самиот врв.
Борис, од кога кај Тебе се роди љубовта за планинарење?
Природата во нас е инстинкт, ген, запишан во нашата ДНК, која секој од нас во себе ја носи уште од првиот здив. Како созревав, како сè повеќе ја разбирав важноста на: социјалните, моралните, етичките и духовни норми, сè повеќе ми пречеше општествената реалност. И самиот бев роден под едно знаме за да пораснам под друго и да газам трето. Тоа за мене беше несфатливо и апсурдно, а транзицијата беше врв на нихилизмот, во која ако вујко ти е владика тогаш си култ на божество и елита на лажните стандарди. Планината некако ми беше единствена средина во која нема компромис со она што си. Има само една максима: можеш или не! Природата сама по себе ми беше единствена константа и тоа праведна уште од најмали нозе.“
Заврши журналистика и масовни комуникации, а вработен си во хотел „Казино Фламинго“?
Егзистенцијата го надитрува и самиот инстинкт – во борбата за гол опстанок не бираме, едноставно преживуваме. Пораснав во најголемата криза што нашето општество ја памети, и ја немав радоста да бирам, туку работата ме одбра мене. Верувајќи дека промените се природен тек, додека бев на постдипломски студии ја одбив понудата за асистент, и навлегов во сосема непозната средина која, ете, е мојот леб веќе повеќе од петнаесет години. Во игрите на среќа сум дел од живата игра.
Пред Арарат, дали имаше искачувања на некои поголеми европски или светски врвови?
Пред Арарат немаше врв во нашата татковина кој беше помаркантен, а да не ми беше стапнат, за апетитите да пораснат кон највисоките балкански врвови, од Мусала во Бугарија, преку Митикас во Грција до Дурмитор и Боботов Кук во Црна Гора, низ Пирин и Рила до Триглав…
Зошто токму Арарат, и како се најде во состав на руската експедиција, во која само ти беше Македонец?
„Арарат некако се поставува како лектира, како вовед во високогорството, Арарат дозволува на најбезбеден начин да ја провериш својата психофизичка подготвеност, тука нема техничко искачување. А се најдов сосема случајно, оти желбата ми беше преголема. Првично искачувањето требаше да се случи во април како термин надвор од идеалното време за искачување, ако се има предвид дека најдоброто време за искачување е август и септември. И мајката природа го потврди своето, во април годинава Арарат ги забележи своите најголеми снежни наноси во последните неколку децении, тоа беше причина експидицијата да биде откажана, одлука со која јас не сакав да се помирам. Одлучивме јас сам со мојот водич да пробаме да го направиме невозможното и да бидеме првите во такви временски услови кои ќе ја покорат таа висина. Буквално бев симнат од авион, тој ден настана хаос во авиосообраќајот, како резултат на песочната бура во Истанбул, кога настана затемнување среде бел ден и сите летови беа откажани. Поривот во мене не бираше со кого, туку кога. Така сам се најдов себеси како дел од руската експедиција во која одлично бев примен.
Како, каде и колку се подготвуваше за вака захтевен потфат, како што е освојувањето на највисокиот врв во Турција?
Освен планинарењето, ако треба да сум искрен во подготовките своја заслуга има и планинскиот велосипедизам кој некако ме плени со својата дрскост пред веритикалите на Кожув. Кога нешто ќе ти премине во начин на живот, не ги броиш деновите, туку слободното време што очајно го бараш. Така сум и денес, тоа не е моја подготовка, а мојата слобода и мојот мир.
Во колку етапи се освојува Арарат, колку базни кампови користевте?
Целата експедиција беше од 12 септември до 19 истиот месец, активното искачување зависи од подготвеноста на самиот тим, во нашиот случај четири дена низ два базни кампа, едниот на 3.400 метри надморска височина, а другиот на 4.100.
Кои Ви беа најтешките моменти при искачувањето?
Арарат е врв во кој висината на која е, една од најважните работи е аклиматизацијата. Можеби ќе звучи нелогично, но за мене најтежок беше првиот ден од искачувањето, границата помегу три илјади и четири илјади ми предизвика неподнослива главоболка која за момент ме исплаши и ме замисли дали воопшто ќе можам. Тогаш за првпат се исплашив дека можеби сум немоќен пред висинската болест. За моја среќа остана само на тоа и само тој ден.
Како се чувствуваше кога стапна на врвот?
Тоа е момент кој нема име, искачувањето започна во еден по полноќ, температурите беа длабоко навлезени во минус, движиш без пауза бидејќи студот ќе те скамени ако застанеш дури и на минута. На врвот бевме точно на изгрејсонце, небото беше отворено, првите зраци по нас како да беа ангелска милина, како допирот на Бога, душата не ти посакува да се сети на материјалната инфантилност во која живееме…
Имаш интересен пост на твојот ФБ-профил- „Опасноста од авантура вреди илјада дена поминати во леснотија и удобност? Вредеше ли толку денот кога се искачи Арарат токму 1.000 денови?
Потрагата по комфорт прави од нас послушници без разум, само маса, груба бројка за пресметка, во која не твоите лични заслуги и квалитети се одлучувачки, туку името пред тебе и препораката во неа. Денот на освојувањето и чувството кое ти го дава не се мери во денови, туку во аксиома, во апсолутна вистина, во катарза, во вредност која дава надеж дека сепак доброто ќе победи над злото, оти тука византиски игри нема! Или можеш или не, подлоста да измамиш се плаќа со живот!!!“
Какви се Твоите наредни „освојувачки“ планинарски потфати?
Во душата на човека нема граница, таа е и космос и универзум, и Сонце и Месечина, само слободниот дух во нас може да нè води напред. Со сигурност ќе има и повисоко и подалечно, нека остане тајна и повод за наше повторно дружење, националните бои ќе ги вееме, нашето сонце, кое вечно гори!