Ганиу и Шилегов: Улицата „Цветан Димов“ ќе стане булевар со шест ленти

40

 Градоначалниците на Чаир и на Град Скопје, Висар Ганиу и Петре Шилегов, ветија три мегаинфраструктурни проекти за Чаир што ќе се реализираат во нивниот нов четиригодишен мандат.

Ганиу најави дека улицата „Цветан Димов“ ќе се реконструира и ќе се трансформира во модерен булевар.

– Проширувањето на улицата „Цветан Димов“ е еден од најважните проекти што ќе го олесни и ќе го забрза сообраќајот. Улицата се проширува на 35 метри, стаза за велосипеди, зеленило помеѓу двете страни, што значи почист воздух и тротоари за пешаците, инвестиција од околу седум милиони евра,  рече Ганиу.

Градоначалникот Шилегов истакна дека Скопје сега е град на сите, и дека првпат се развива подеднакво од двете страни, во секоја општина и во секое населено место.

– Во текот на последниот четиригодишен мандат, се реконстуираа улиците „Џон Кенеди“, „Никола Карев“, „Крсте Петков Мисирков“, „Босна и Херцеговина“, а заедно со општината Чаир ќе го решиме и проблемот со паркирањето во Чаир, рече Шилегов.

Додаде дека откако ќе се прошири улицата „Цветан Димов“ планирано е таму да поминува бус-рапид транзитот во Чаир, во втората фаза кога ќе се изврши поврзување меѓу Бутел и Кисела Вода.

Висар Ганиу рече дека во следниот мандат улиците „Крсте Арсенов“, „Павле Илиќ“, „Добри Даскалов“, „Струмичка“ и „Ресенска“ ќе станат еднонасочни, што значително ќе го олесни сообраќајот.