Галерија во Охрид која не се одминува: Икони од 11 век, црковни везови со златна срма и уникатни реликвијари…

66

Заинтересираноста за посета на Галеријата на икони – Охрид, во која се наоѓаат најубавите и најзначајни дела на византискиот и поствизантискиот иконопис во светски рамки, постојано е во нагорна линија и како поткрепа на ова е бројот на посетители (изразен преку број на продадени влезници), кој во 2018 година изнесува 5.247. За споредба, во 2017, Галеријата ја посетиле вкупно 3.709 посетители, а во 2016, 3052 посетители од Македонија, но и од целиот свет

На ѕидовите од Галеријата на икони во Охрид може да се видат дел од најубавите и најзначајни дела на византискиот и поствизантискиот иконопис во светски рамки, а во витрините, во подрумскиот дел, се изложени црковни везови, везени со свилен конец, златна и сребрена срма, како и сребрени кандила, реликвијари, делови од метални опкови на икони, корици на четвороевангелие и сл., како и фреско-кописите… Огромно богатство со непроценлива уметничка и историска вредност е презентирано во рамките на двете изложбени простории, на чија содржина и светот може да ни позавиди. Токму од овие причини не зачудува фактот што бројот на не само домашните туку и странските граѓани кои ја посетуваат галеријата постојано расте.

Од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид посочуваат дека заинтересираноста за посета на Галеријата на икони која се наоѓа во музејскиот комплекс на црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид постојано е во нагорна линија.
“Како поткрепа на ова е бројот на посетители (изразен преку број на продадени влезници) во 2018 година изнесува 5.247. За споредба, во 2017, Галеријата ја посетиле вкупно 3.709 посетители, а во 2016, 3052 посетители од Македонија, но и од цел свет. Со оглед на тоа што покрај за заштитата, Завод и Музеј – Охрид треба да се грижи и за презентацијата, афирмацијата и популаризацијата на културното наследство, претходно изнесените податоци кажуваат дека како институција сме на добар пат, во иднина, со поголем фокус на афирмацијата на Галеријата на икони – Охрид, уште повеќе да ја приближиме оваа вредна збирка до пошироката јавност#, посочува в.д. директор на оваа установа Елеонора Новакоска.

Највредните икони од византискиот период
А од вкупниот фонд на Збирката на икони, литургиски и други предмети на Галеријата на икони – Охрид (како што гласи целосниот назив на збирката), во двата изложбени простори, (во приземјето и подрумскиот дел), изложени се вкупно 37 икони и дваесетина литургиски предмети, како и уште дваесеттина копии на фрески на платно, кои не се составен дел на оваа збирка.

Со оглед дека во галеријата се чуваат некои од највредните икони од византискиот период прашавме кои од иконите се од посебно значење и со најголема вредност.
“Кога се говори за охридските икони, не би можеле посебно да издвоиме некоја бидејќи секоја од нив има своја убавина и одредена вредност, секако не материјална, бидејќи за нас тие, пред се, имаат непроценлива уметничка, историска и културолошка вредност. Но, ако веќе мора да издвоиме некои, тоа би била иконата на апостолот и евангелист Матеј, една од најубавите икони во византиската уметност воопшто, тука е и литиската икона со Богородица Психосострија и Благовештението, обете од 14 век, потоа двете најголеми икони во нашата земја, Исус Христос Пантократор и Богородица Психосострија…“, додаваат директорката Елеонора Новакоска и Милчо Георгиевски, историчар на уметноста и советник кустос во Галеријата.


Најстарата икона во оваа збирка, пак, е иконата со претстава на свети Василиј Велики и свети Никола, насликана во средината на 11 век.

Грижа за иконите
Токму поради нивната историска вредност и фактот дека се изработени пред повеќе векови, дури и цел милленниум, потребни се и соодветни услови за чување, како и соодветен кадар што ќе се грижи за иконите.

“Условите во кои во моментов функционира Галеријата, како и заштитата, се на завидно ниво, согласно прописите, што не значи дека не треба да се стремиме кон создавање на што подобри услови или во иднина, евентуално обезбедување на поголем простор. Во таа насока, во Нацрт-програмата за работа на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, предвиден е проект за осовременување и опремување на депото во Галеријата на икони и преадаптација на изложбениот простор од Галеријата. Бројот на вработените пак, е во согласност со потребите но, од страна на институцијата исто така се води сметка за обновување на стручниот кадар и во тек е постапката по Јавниот оглас за вработување, објавен кон крајот на минатата година#, истакнува директорката Новакоска.

Останува на оние кои не ја посетиле Галеријата на икони во Охрид, да влезат низ нејзините порти и да се потсетат на извонредната уметност создадена на овие простори. (Д.Т.)

(Легенди: 1. Изложбениот простор на Галеријата на икони во Охрид (приземје), 2. Изложбениот простор (подрумски дел), 3. Опков на четвороевангелие (1769), 4. Ставротека (11 век), 5. Везен крст со претстава на крштевање Христово (15 век), 6. Сребрено кандило (19 век))