Газдите кукаат дека нема работници, а сами ги избркаа со ниските плати

Келнери, шанкери, работници за во пицерии, маркети, градежни работници..., се само дел од огласите на интернет. Се бараат работници од сите профили. Ситуацијата се влоши со започнување на летната сезона, бидејќи голем дел од нашите работници заминаа на сезонска работа во Хрватска, Србија, Словенија, Германија... Економските аналитичари коментираат дека газдите кукаат дека нема работници, а со ниските плати и лошите услови за работа сами ги избркаа од државата. Треба прво соодветно да ги платат, а потоа да бараат резултати

4751

Келнери, шанкери, работници за во пицерии, маркети, градежни работници…, се дел од огласите кои кружат на интернет. Се бараат работници од сите профили. Ситуацијата се влоши со започнување на летната сезона, бидејќи голем дел од нашите работници заминаа на сезонска работа во Хрватска, Србија, Словенија, Германија… Економските аналитичари коментираат дека газдите кукаат дека нема работници, а со ниските плати и лошите услови за работа сами ги избркаа од државата. Треба прво соодветно да ги платат, а потоа да бараат резултати.

-Недостигот на работна сила е тренд кој го имаме во државата неколку години наназад. Ситуацијата особено се влошува од април до октомври кога голем број работници заминуваат на сезонска работа во странство. Најчесто се бараат работници во угостителството и градежништвото, бидејќи во државите во соседството овие занаети се многу поплатени. Ние овој период се соочуваме со голем одлив на ваков кадар. Нашите работници кои со години наназад одат на сезонска работа во Хрватска, Црна Гора… велат дека платите се трипати повисоки. Исто така, нашите работници таму имаат сместување и здравствено и пензиско осигурување така што платата им е чиста заработка, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија.

Овој тренд на иселување и на заминување на работа во странство треба да ги загрижи газдите и државата. Треба некој сериозно да размисли зашто е така и да се најде начин како да се зголемат платите и да се подобрат условите за живот и работа.

-Оние работници кои отишле во Германија, Шведска, Австрија… тие не отишле само заради поголема плата, туку за подобри услови за живот, образование, здравство, судство… Нашите газди треба прво соодветно да ги платат работниците, а потоа да очекуваат резултати. Не може со минимална плата од 22.500 денари да очекуваат дека ќе бидат мотивирани и продуктивни, имајќи го предвид колку е скап животот и колку се изгуби куповната моќ на граѓаните. Сè што е под просечна плата, не е плата за живот, вели Пешевски.

И економските аналитичари се согласуваат дека една од главните причини за намалувањето на невработеноста е масовното иселување на работоспособното население во потрага по повисоки плати и подобри услови за живот во странство. Овој феномен предизвикува недостиг на квалификувана работна сила во државата, што негативно влијае на економскиот раст и развој.

-Работниците се најважниот ресурс за секоја економија, а нивното отсуство ја отежнува можноста за одржлив развој и напредок. Приватниот сектор и јавните институции треба да се ангажираат во креирање на стратегии за задржување на талентите и привлекување на нови инвеститори. Тоа вклучува подобрување на работните услови, понуда на конкурентни плати и обезбедување на професионален развој и обука. Република Македонија мора итно да преземе мерки за спречување на одливот на мозоци и работници, и да вложи во создавање на стабилна и просперитетна економска средина која ќе биде привлечна и за младите и за искусните професионалци. Само така ќе можеме да обезбедиме долгорочен и одржлив економски раст, изјави за весникот ВЕЧЕР, универзитетскиот професор, Абил Бауш.

Според последните статистички податоци, просечната плата во државата изнесува 40.496 денари, а минималната плата од март годинава изнесува 22.500 денари.

(А.С.)