Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници (МАТВП) за сабота организира бесплатна пешачка тура во Битола, како еден од најпосетените туристички центри. Поводот за овој настан е одбележувањето на Светскиот ден на туристичките водичи, кој се одбележува секој 21 февруари.
– В сабота, нашите лиценцирани водичи ќе ви ја претстават Битола онака како што го прават тоа пред многубројните туристи. Во период од околу два и пол часа, со голема посветеност, љубов и локалпатриотизам, ќе ви ја доловат Битола онаква каква што била некогаш – центар на Балканот. Ќе имате можност да го посетите Музејот на Град Битола, да ја слушнете приказната за Мустафа Кемал Ататурк и неговата тинејџерска љубов, Офицерскиот дом, браќата Манаки, геноцидот врз Евреите, Саат-кулата, Старата чаршија… –информираат од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници.
Првата тура започнува во 11 часот, а втората од 12 часот, од пред Музејот на Град Битола. Водичи на овие бесплатни тури ќе бидат Горан Пинза и Марија Ивановска.