В недела ќе се собираат потписи против бетонизацијата на Влае

227

Жителите од населбата Влае подготвуваат петиција до надлежните за да се сочува и она малку зеленило кое пополека им се одзима со градењето на висококатници, паркинзи, детска градинка… предвидени со новиот Детален урбанистички план за градска четврт С319 .

Тие в недела од 11 до 14 часот на плоштадот „Делфина“ ќе ги собираат потребните потписи.

– Се бориме против висококатници, бетонизација, уништување на инклузивното игралиште и зеленилото – велат од Фејсбук групата „Борба за Влае“ кои се иницијатори на оваа активност.

Тие реагираат дека доколку се донесе новиот ДУП ќе биде овозможено изградба на 15 нови градби во Влае, од кои висококатници, градинки, црква и паркинзи и се плашат оти тие значително ќе им го променат квалитетот на животот затоа што ќе го намалат процентот на зеленило.

На детското игралиште на плоштадот „Делфина“ предвиден е верски објект – црква. Од спротивната страна, ДУП-от предвидува изградба на висококатница во дел од зелената површина. До кејот на Вардар, кај спортските терени планирана е детска градинка, но 40 проценти од површината би била трговски објект. 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски го оправдува новиот ДУП и не ги прифаќа забелешките сметајќи дека доаѓаат од политички заведени граѓани. За жителите ова е навреда. Тие инсистираат да се слушнат нивните потреби и најавуваат дека нема да отстапат од борбата за нивната населба.