Вучиќ: Секој ден може да дојде до ескалација на судирите

74

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва говорејќи за настаните на северно косово кажа дека „судирот во Звечан не го започнале НАТО војниците, туку косовската полиција“ и дека „Приштина и Албин Курти се виновни, бидејќи сакаат Србија и НАТО да влезат во судир, што не е во интерес на Србија“, јави дописникот на МИА од Белград.

-А кога ќе прашате што е со ЗСО тие велат дека трееба да се работи, а нема што да се работи. Тоа е веќе потпишано. Секој ден може да дојде до ескалација, бидејќи Курти мечтае за војна и мечтае да биде Зеленски. Нему не му е проблем некој друг да војува за него, тој сака НАТО да влезе во судир со Србија, а нас никако не ни е во интерес да војуваме, кажа Вучиќ во интервјуто на ТВ Прва.

Вучиќ рече дека во Кишињев имал тежок разговор со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц и дека тие предложиле нови локални избори на северот на Косово како начин за излез од кризата и ситуацијата да деескалира, додавајќи дека за тоа ќе разговара и ќе преговара бидејќи нема донесено одлука за учество на Србите на предвремените избори во Косово.

-Претставниците на САД и ЕУ и посредниците во дијалогот меѓу Белград и Приштина, Габриел Ескобар и Мирослав Лајчак, доаѓаат во Белград на почетокот на следната недела, и дури откако ќе разговарам со нив ќе ги поканам Србите од Косово на консултации за понатамошните чекори, кажа Вучиќ.

Тој рече дека Србите сигурно ќе победат на тие избори, но прашање е што добиваат.

-Ќе не лажат дека ќе формираат Заедница на српски општини, како што не лажат десет и пол години, рече Вучиќ и додаде дека знае дека за Србите на северот на Косово би било добро да ја имаат „барем таа локална власт“ и малку да се намалат тензиите.

Запрашан дали Србија ќе ги прифати тие избори, тој повтори: „Не знам, оставете ме да преговарам, да разговарам. Ќе зборувам за тоа од вторник“.

-Во моментов немам решение, немам волшебно стапче. Мора да размислувам за тоа со денови, морам да размислувам за тоа, морам да измерам се… Мора да разговарам со нив во наредните денови и да видам што ќе добијат Србите, истакна Вучиќ, оценувајќи дека не оптимистичен и дека на Србија и престојат „тешки днеови“.

Вучиќ изјави дека на Самитот на Европската политичка заедница во Молдавија имал фер разговор со претседателот на Украина Володимир Зеленски и дека во таа прилика не се зборувало за воведување санкции кон Русија и дека во Србија бил критикуван затоа што во средата се ракувал со Зеленски.