Одлуката падна, премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе одат во Брисел и ќе учествуваат на самитот Европска Унија – Западен Балкан.

Албанскиот премиер Рама денеска, прв ја објави информацијата дека по меѓусебни консултации, тројцата лидери на земјите вклучени во Отворен Балкан, сепак, одлучиле да заминат за Брисел.

Лидерската тројка и нивните колеги од другите земји од Западен Балкан се повикани во Брисел на средба со челниците од ЕУ, што треба да се одржи денес, пред јунскиот самит на Европскиот совет на кој ќе се разговара за проширувањето на Унијата.

„Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува. Само што слушнав дека нешто денеска се придвижува во Бугарија. Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде што Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има жешка војна на европската граница!“, наведува Рама.

Оваа одлука на албанскиот премиер е спротивна на изјавата од само ден претходно кога тој изјави дека  „Бугарија ја киднапирала Европската Унија“, и дека  нема зошто да присуствува на уште едно „Не, извини!“ во Брисел. Со ова очигледно е дека Рама фокусот го префрла на Новата европска политичка заедница.

За одлуката, сепак да се оди во Брисел за Самитот ЕУ – Западен Балкан, македонскиот премиер Димитар Ковачевски, на социјалните мрежи напиша дека Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина.

„Северна Македонија има докажани пријатели во земјите членки на ЕУ. Тие се оние земји кои гледаат кон иднината, наспроти минатото, и од кои ние, Албанија, но и регионот имаме целосна поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во ЕУ. Јас, Еди Рама и Александар Вучиќ денес донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина“, пишува Ковачевски.

Лидерите на Отворен Балкан и нивните колеги од другите земји од Западен Балкан се повикани во Брисел на средба со челниците од ЕУ, што треба да се одржи в четврток, пред јунскиот самит на Европскиот совет  на кој ќе се разговара за проширувањето на Унијата.

Македонскиот премиер Ковачевски не го послуша советот на претседателот на државата Стево Пендаровски дека нема што да бара на Самитот, посебно што на состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во понеделникот, бугарската страна изнела пет нови барања за симнување на ветото за земјава. Претседателот Пендаровски посочи дека вакви понижувања и потценувања какви што сме имале во последниве две години од Бугарија, не сме доживеале за 20 години преговори со Грција. – Јас го советувам премиерот да не оди во Брисел. Пред неколку дена разговаравме на таа тема и мојот совет беше дека ако вака се одвиваат работите и ако Бугарите вчера доставиле пет нови барања, тогаш што бара премиерот таму само за да се слика? Замислете, самит ЕУ – Западен Балкан кога целиот регион, ние пред сè, не напредуваме, само да се сликаме, рече Пендаровски во телевизиско интервју.

Македонскиот претседател оцени дека на историските прашања и оспорувањата за јазикот не им е место во Преговарачката рамка, нагласувајќи дека таа не може да се усвои ако ние не кажеме „да“.

„Да нема страв ниту еден граѓанин во државата. Не може да се изгласа Преговарачката рамка ако ние не кажеме да. Со сила преговори под вакви услови никогаш не се случиле“, нагласи Пендаровски.

Тој откри и дека Софија не бара Бугарите да бидат наведени само во Преамбулата на Уставот, туку и во неговиот нормативен дел, потенцирајќи дека ниту една заедница во државата не е внесена во нормативниот дел на Уставот, па оттука не е можно да влезат ниту Бугарите. Во нормативниот дел на Уставот сега се споменуваат само македонскиот народ, Македонците кои живеат надвор од границите на државата, МПЦ и Исламската верска заедница.

Во врска со предлогот на француското претседателство со ЕУ, Пендаровски рече дека ние досега „немаме видено пишан документ“.

Државниот секретар за европски прашања на Франција, Клеман Бон, пак, соопшти дека францускиот предлог е направен врз основа на директни контакти  со Скопје и Софија и дека „држеле до принципот оти преговарачката рамка не е место за чисто билатерални преговори“, но истакна дека „бугарските преокупации треба да се земат предвид на внимателен начин“.

„Мора да се констатира дека има билатерална блокада со месеци. Внимателно и со баланс, но отфрлам дека ова би било против интересите на Северна Македонија, напротив, во контакт и со Скопје, преку информациите од билатералните дискусии меѓу Скопје и Софија, но и преку директни контакти што ги имавме, што ЕК ги имаше со двете страни, велам дека има некои теми во преговарачката рамка кои немаат директно билатерален карактер, но ги засегаат преокупациите на Бугарија во нејзиниот однос со Северна Македонија, на внимателен и ограничен начин“, изјави Бон.

Тој повеќепати нагласи дека не сака да дава детали затоа што преговорите сè уште траат и не сака да ги загрози. Целта е да се отворат преговорите, првпат видовме добра волја, рече Бон коментирајќи ја бурната политичка сцена во Софија, каде што повторните превирања можат да го загрозат процесот до крајот на неделава.

(И.С.)