Вучиќ останува претседател на СНС до изборите во април

101

Претседателот на Српската напредна партија Александар Вучиќ одби да го прифати едногласниот предлог на сите членови на таа партија повторно да се кандидира како единствен кандидат за претседател на СНС, изјави една од потпретседателите на таа партија Ана Брнабиќ.

На изборното собрание на СНС беа избрани седум нови потпретседатели на партијата, како и нови членови на партиското претседателство, јави допсиникот на МИА од Белград.

По петтото изборно собрание на СНС, Ана Брнабиќ изјави дека нашле компромисно решение што значи дека Александар Вучиќ ќе ја води СНС до изборите во април, по што ќе се одржи вонредно собрание на кое ќе се избира претседателот и заменик претседателот на СНС.

-Едногласна одлука на сите членови на СНС, на сите месни и градски одбори беше претседателот Александар Вучиќ да продолжи и да биде единствениот кандидат за претседател на СНС. Александар Вучиќ одби да се кандидира за претседател на СНС, па затоа постигнавме компромисно решение и му го продолживме мандатот, така што тој ќе продолжи да ја води СНС до овие избори, односно да ја поддржува партијата и да и помогне и на овие избори, изјави Брнабиќ.

По изборите на сите нивоа во Србија што ќе се одржат на 3 април, Српската напредна странка, како што најави Брнабиќ, ќе има вонреден конгрес на кој ќе ги избере и претседателот и заменик-претседателот на партијата.

Нови потпретседатели на СНС, како што изјави таа се Милош Вучевиќ, Синиша Мали, Владимир Орлиќ, Невена Ѓуриќ, Марко Ѓуриќ, кому му е замрзнат мандатот поради амбасадорскиот ангажман во САД, Александар Шапиќ и Ана Брнабиќ.