Србија е подготвена да работи на имплементација на многу работи од европскиот план за Косово, но дадовме и една јасна и голема забелешка – дека нема разговори за меѓусебно признавање, признавање, ниту за членство на Косово во ОН, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Тоа им го кажав на (францускиот претседател Емануел) Макрон и (германскиот канцелар Олаф) Шолц во Минхен, и на сите големи лидери, (специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог Косово-Србија Мирослав) Лајчак и (високиот претставник на ЕУ Жозеп) Борел знаат тоа, и го повторив тоа вчера. Станува збор за тоа дека не сакам и не можам да разговарам за меѓусебно признавање, признавање и влез на Косово во ОН“, изјави Вучиќ за РТС, зборувајќи за разговорите со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел во понеделникот.
Вучиќ изјави и дека е отворен да зборува за се останато.
„Не затоа што само не води понатаму на нашиот европски пат, што е важно, туку затоа што е добро за односите меѓу Србите и Албанците. Има безброј точки кои се важни“, рече Вучиќ, осврнувајќи се на европскиот предлог за договор за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово.
Вучиќ рече дека на средбата во Брисел не бил усогласен патоказот, но дека ставот на Србија е дека признавањето и членството на Косово во ОН не може да бидат вклучени во планот за имплементација и дека за тоа ќе следуваат разговори.
Тој објасни дека европскиот предлог де факто стана рамка за преговарачкиот процес, но нагласи дека додека е на функцијата претседател нема да потпише, ниту да прифати, ниту формално, ниту неформално признавање на Косово, ниту влез на Косово во ОН.