Врховниот суд даде зелено светло за прописот на Трамп против азилот

80

Судот во пресудата истакнува дека на администрацијата ѝ е дозволено да ги блокира барањата за азил на апликантите кои минале низ друга земја за да стигнат до САД без да достават такво барање претходно, во текот на нивната рута

Врховниот суд даде зелено светло за администрацијата на Трамп да ги постави новите правила со кои им се отежнува на мигрантите од Централна Америка да бараат азил во Соединетите Американски Држави (САД), јавува агенцијата Анадолија.

Судот во пресудата истакнува дека на администрацијата ѝ е дозволено да ги блокира барањата за азил на апликантите кои минале низ друга земја за да стигнат до САД без да достават такво барање претходно, во текот на нивната рута.

Правилата се со цел да се спречат мигрантите од Централна Америка кои стигнале до јужната граница на САД преку Мексико, да аплицираат за азил во САД, освен ако веќе направиле обид да го добијат тој статус во друга земја.

Правилата на администрацијата на Трамп, со кои се укинуваат долгогодишните, либерални процедури за азил на САД, првично беа најавени во јули, но беа одбиени со пресуда од понизок суд.

Кратко по пресудата, американскиот претседател Доналд Трамп ги пофали судиите за поддршката на неговите напори за намалување на бројот на мигранти од Гватемала, Хондурас и од другите земји од Латинска Америка.

„ГОЛЕМИОТ Врховен суд на Соединетите Американски Држави ПОБЕДИ во корист на границата, во врска со азилот!“, напиша Трамп на „Твитер“.

Двајца од судиите на Судот, Соња Сотомајор и Рут Бадер Гинсбург, упатија жалба поради одлуката на мнозинството.

„Иако оваа нација долго време ја чуваше својата врата отворена за бегалците, иако условите за барателите на азил не би можеле да бидат повисоки, Владата го спроведе своето, без претходно да даде известување до јавноста“, напиша Сотомајор.

Трамп дојде на власт со ветувањето за намалување на имиграцијата во САД, што, иако популарно меѓу поголемиот дел од неговото опкружување, исто така предизвика бранови протести и жестоки правни битки.