Предводникот на Реал (М), Сантијаго Солари, е под голем притисок од страна на управата на клубот, иако требаше да биде само преодно решение на клупата на „кралевите“.
Под негово водство тимот го освои Светското клупско првенство, но ремито против Виљареал (2:2) повторно ја разжести атмосферата во клубот. Реал има седум бода негатива во однос на Барселона и се чини дека веќе на полусезона ја губи трката за шампионската титула.
Весникот „Марка“ тврди дека на челниците и директорите не им се допаѓаат потезите што ги влече Солари, измените на играчите и поставите со кои излегува на теренот. Сето тоа беше скриено под тепих по петте победи во низа (три во Ла Лига и две на Светското клупско првенство), но овој пат повторно излегоа на површина.
Освен него, под притисок се и речиси сите фудбалери. Бејл пак се повреди, Бензема игра мошне променливо иако на последниот меч беше најдобар играч на Реал, Марсело е катастрофа во одбрана, а со многу осцилации се и Модриќ и Крос. Се очекува доаѓањето на младиот Брахим Дијас од Сити, но прашање е колку може тој да помогне во ваква ситуација.
Нема сомнение дека летото се исчекува со нетрпение, а во него ќе има генерален ремонт на екипата.