Отворањето на 8. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, ќе биде на 14 септември во 19:30 часот со претставување на делата на писателот Мухарем Баздуљ, Угљеша Шајтинац и на Малеска, а ќе има и видеомонолог на Каракаш. Првата вечер ќе биде промовирана и „Срчки“, новата книга на Бранислав Николов („Пијан славеј“). На промоцијата ќе настапат и авторот и басистот Гоце Јованоски

Врвни автори од регионот државата, ќе бидат гости на 8. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што ќе се одржи од 14 до 17 септември на повеќе локации во Скопје.  Писателот Мухарем Баздуљ, еден од најчитаните во регионот, ќе настапи на првата вечер. Баздуљ е писател, новинар и преведувач. Неговите 20-ина книги се преведени на повеќе странски јазици, а ги има добиено голем дел од значајните новинарски награди во БиХ и во Србија. Две негови книги се преведени на македонски јазик – „Ѓаурот и Зухејда“ („Готен“) и „Кукла од марципан“ во издание на „Везилка“.

Освен Баздуљ, во Скопје треба да пристигнат и: Угљеша Шајтинац (Србија) – добитник на Европската награда за литература, Маја Солар, авторка која се бави со феминистички и филозофски теми, и младата книжевна ѕвезда во регионот, Магдалена Блажевиќ (БиХ). Македонската книжевна сцена,пак, ќе ја претстават две писателки – Калина Малеска и Елизабета Баковска.

„Поради ковид-пандемијата, некои од авторите што ги поканивме во Скопје, сепак, ќе учествуваат од далечина. Анте Томиќ и Миљенко Јерговиќ подготвија полчасовно видео кое ќе биде уживање за сите книгољупци, додека Дамир Каракаш подготви луцидно и креативно излагање за неговите книги и светот во кој моментално живееме“, велат од „ПРО-ЗА Балкан“.

Како што веќе беше најавено, годинашен лауреат на наградата за авторски придонес во балканската книжевност е големиот Исмаил Кадаре, којшто ја прими наградата „Прозарт“ пролетта во Франција.

Фестивалот и годинава ќе се одвива четири вечери, овојпат на три локации – „Куршумли ан“, Europe House и Кинотеката. Отворањето ќе биде на 14 септември во 19:30 часот со претставување на делата на Баздуљ, Шајтинац и на Малеска, а ќе следи и видеомонолог на Каракаш. Првата вечер ќе биде промовирана и Срчки“, новата книга на Бранислав Николов („Пијан славеј“). На промоцијата ќе настапат и авторот и басистот Гоце Јованоски.

На вториот ден, во Europe House ќе биде организирана тркалезна маса на тема „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“. Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје fellowship“ програмата. Ќе следува средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонска асоцијација на издавачи. Вечерта ќе бидат претставени писателките Блажевиќ, Баковска и Солар и нивните дела, а музичарите Гоце Јованоски и Андреа Мирческа ќе изведат експериментална звучна импресија од филмот „Устав на Република Хрватска“ по сценарио на Анте Томиќ. Ќе следи видеоразговор меѓу Јерговиќ и Томиќ, изработе нспецијално за фестивалот.

На третата вечер која традиционално е посветена на лауреатот, ќе биде прочитан неговиот говор, а секој автор ќе прочита извадоци од своите дела.

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, на 17 септември во летното кино на Кинотеката, ќе биде прикажан филмот „Меденаземја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов. Преку видеоприлог, Миљенко Јерговиќ ќе зборува за филмот по проекцијата.

За делата на гостите ќе зборуваат: Александар Прокопиев (уметнички директор), Ермис Лафазановски (претседател на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“) и Владимир Јанковски.