„Врба“ на филмските фестивали во Србија, Бугарија, Индија, Португалија и САД

43

„Три жени, три приказни. Една средновековна, две современи. Три жени се справуваат со традицијата, лојалноста, посвојувањето и контролата врз нивните тела. Со љубов и мајчинство. Тие не се обидоа да го променат светот или општеството, но нивната борба да станат мајки ги прави неверојатни хероини…“, со овие зборови филмскиот фестивал во Бенгалуру, Индија, го најавува учеството на најновиот шести филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, „Врба“.

На фестивалот, кој ќе се одржува од утре (26 февруари) до 4 март остварувањето на Манчевски, кој е македонско-унгарско-белгиска копродукција, ќе биде прикажано во истата селекција со најдобрите остварувања од минатата година меѓу кои се и оскаровскиот „Паразит“ на Бонг Јон-Хо, „Болка и слава“ на Педро Алмодовар и „Офицер и шпион“ на Роман Полански.

Меѓу настаните кои му следуваат е и учеството на 48. ФЕСТ кој од 28 февруари до 8 март ќе се одржува во Белград под мотото “Собирачи на емоции“. На ФЕСТ “Врба“ е во главната натпреварувачка програма, а ќе има три проекции, на 2., 3. И 4. март.

Во истиот период филмот ќе биде дел и од 40. Издание на Фантаспорто во Португалија (од 28 февруари до 8 март), каде ќе биде прикажан на 6 март во програмата „Недела на режисери“.

На фестивалот Синeквест во САД кој се одржува од 3 до 15 март филмот „Врба“ ќе има своја премиера, а ќе учествува во натпреварувачката програма. Успешниот фестивалски пат ќе го продолжи и на 24 фестивал во Софија, еден од најголемите фестивали во регионот (од 12 до 22 март).

Филмот„Врба“ својата светска премиера ја имаше на фестивалот во Рим во октомври минатата година, по што можеа да го види и домашната публика во Скопје, но и во сите останати градови во државата. Во меѓувреме учествуваше и на фестивали во Тајпеј и Талин, а изминатиов месец „Врба“ имаше премиера и во Велингтон, Нов Зеланд каде што доби награда за најдобар филм на камерниот фестивал за независни филмови.