Во 5 до 12 реализиран најскапиот трансфер во Премиер лигата

122

На неколку минути до официјалниот крај на зимскиот преоден рок, раководните лица на лондонскиот премиерлигаш Челзи и на португалскиот гигант Бенфика најдоа заеднички јазик околу долгонајавуваниот трансфер на аргентинскиот интернационалец Енцо Фернандез.

Лондонските „сини“ водеа невидена битка со времето, но на крајот ја потпишаа потребната документација, која во последен момент беше испратена до Фудбалската асоцијација на Англија.

На тој начин, аргентинскиот интернационалец дојде и до епитетот најскапо купен играч во историјата на англиската Премиер лига и најзвучна аквизиција на Челзи ангажирана за време на зимскиот преоден рок.

На последниот Мундијал во Катар, најдобриот млад фудбалер стави потпис на договорот, кој го обврзува да остане на „Стемфорд бриџ“ до 2031 година, односно осум и пол години, а тоа е така само поради финансискиот ферплеј.

  • Официјално, Енцо Фернандез е нов играч на Челзи, сите документи се потпишани. Бенфика го потврди трансферот вреден 121 мил. евра, плус дополнителни трошоци. Ривер плата ќе добие 25% од парите. Енцо потпиша до јуни 2031 година – напиша по полноќ најпознатиот фудбалски новинар, Фабрицио Романо.

Челзи долго време се обидуваше да го реализира трансферот на Аргентинецот иако во еден момент јавноста беше убедена дека „сините“ нема да успеат во својата намера. Но, упорноста на новите сопственици вроди со плод во самиот финиш од зимскиот преоден рок.

Освен оние на португалскиот гигант, раце тријат и челниците на аргентинскиот клуб Ривер плата, кои без мака заработија околу 30 мил. евра.

Трансферот ќе биде реализиран во шест рати, но Челзи прво ќе уплати 40 мил. евра, кои беа главна тема на дискусија за време на последниот ден од зимскиот преоден рок.