Во 2023 ќе ја преполовиме инфлацијата, тврди Битиќи

22

Тековната 2023 година ќе ја преполовиме инфлацијата, додека 2024-та, ќе биде година на економско закрепнување со позитивен економски тренд, вели вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи. Тој во интервју за емисијата „Што мисли народот“, на ТВ Стар од Штип нагласува дека во Европа каде што ние припаѓаме, поточно во земјите на Европска Унија (ЕУ) и земјите аспиранти, заклучокот е еден, дека добро се справивме со енергетската, и економската криза и дека тоа ќе има ефект во намалување на инфлацијата, не само кај нас туку секаде во Европа.

-Инфлацијата кај нас е увезена, затоа што побургу закрепнат економиите во земјите членки на ЕУ, толку бргу и ние ќе закрепнеме. Нашето предвидување е дека оваа година ќе ја преполовиме инфлацијата од таа што ја имавме минатата година, и ако не се случат големи непредвидливи случувања со војната во Украина, оваа година ќе имаме закрепнување, додека предвидувањата за 2024 година се дека сите економии, особено тие со кои сме увозно и извозно зависни ќе закрепнат, вклучително и нашата, изјави Битиќи и додаде дека политичките привирања во земјава, особено тие за дневно политички поени, го спречуваат побрзото закрепнување на нашата економија.

Вицепремиерот Битиќи се осврна и на актуелните теми од економијата, особено на последните замрзнувања на цените, за кои рече дека се мерки со кои државата го штити граѓанинот од општествената неодговорност на некои економски чинители.