Во Штип се отвора приватна школа за професионални пилоти

204

Педесет и осумгодишниот капетан на Боинг 373, Раде Ивановски од Штип денеска свечено го отвори хангарот за авионите и го најави отворањето на приватната школа за професионални пилоти. Објектот и авионите се наоѓаат на спортскиот аеродром Сушево, од каде, како што вели Ивановски почнала и неговата љубов кон летањето. Професионалниот пилот, кој работи за авиокомпанија во егзотичната Руанда вели дека својот капитал го инвестира овде, со цел да заживее повторно воздухоплоството, но и земјава да има подмладок, којшто речиси и да го нема.

– Во Штип веќе имаме школа за спортски пилоти, но овде ќе имаме надградба. Сакаме да направиме нешто повеќе од она што е спортски пилот, бидејќи кога ќе се земе професионална дозвола веќе има можност да се работи и во комерцијални цели, без разлика дали во земјоделска авиjaција или пак во авиокомпанија или во полиција, вели Ивановски.

Тој има 12.000 часа поминати во облаците, летовите не ги ни брои, бидејќи животот како пилот го поминал во повеќе странски компании, а кариерата ја почнал во МАТ. Во земјава има 30 професионални пилоти, кои што работат за македонските институции или пак за странските авиокомпании. Смета дека оваа професија има иднина, а платата за еден пилот се движи од 2.000 до 15.000 евра во зависност од компанијата, за која се работи. На штипскиот спортски аеродром Сушево денеска беше и македонската воздухопловна елита, меѓу кои Славјанка Дојчиновска првата жена пилот во земјава. Таа вели дека сега само се вози во авионите, но денеска имаше мирно небо, па и таа се вивна кон облаците.

Пилотот Ивановски заедно со неговите двајца синови денеска на аеродромот Сушево приредија и аеромитинг. Ваква манифестација во Штип не е одржана над 20 години.