Во Штип промовиран проектот „Културен мост низ вековите”

36

Во Штип денеска беше промовиран проектот „Културен мост низ вековите”, во организација на Источен плански регион и Народното читалиште „Георги Тодоров 1885″ од Општина Белица, Република Бугарија. Проектот се финансира преку Програмата за меѓугранична соработка меѓу Северна Македонија и Република Бугарија.

Александра Беличка – Ѓорѓиева, координаторка на проектот на денешната на прес-конференција истакна дека во рамки на проектот „Културен мост низ вековите” ќе се реализираат голем број активности во прекуграничниот регион, како што се обуки за туристички водичи, различни работилници со теми поврзани со управување со културното наследство, форуми за дискусии на слични теми, како и градежни активности на црквата „Св.Власие” во археолошкиот локалитет Исар во Штип, и на народното читалиште „Георги Тодоров 1885″ во Белица.

– Проектот има прилично големо влијание на заедничка презентација на заедничко традиционално и културно наследство како алатка за одржлив развој на туризмот во прекуграничниот регион преку популаризација на вредностите на културната традиција и материјалното и нематеријалното културно наследство. Реставрацијата и заштитата на објектите со културно и историско значење ќе допринесе за зголемена туристичка конкурентност на прекуграничниот регион, вели Беличка – Ѓорѓиева.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски истакна дека со овие проекти од прекугранична соработка ја зајакнуваме презентацијата на културното наследство.

– Со овој проект ќе се работи на реставрација на црквата „Св. Власие” кај тврдината Исар и градежни активности на народното читалиште „Георги Тодоров 1885, рече Бочварски.

Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град Штип, Митко Штерјов вели дека реализацијата на проектов се случува во момент кога оваа институција слави 70 години од своето постоење, а со конзервацијата на црквата „Свети Власиј” на тврдината „Исар” градот Штип ќе доби уште една убава туристичка содржина.

Проектот е вреден над 400.000 евра, од коишто над 200.000 евра од народното читалиште во Белица, додека останатите средства се наменети за проектот на штипскиот музеј.