Премиерот Димитар Ковачевски и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, како и директорката на училиштето, Светлана Масларевска, денеска со поставување на камен-темелникот го означија почетокот на градежните активности за доградување на училиштето.
– Ова е прв зафат по 65 години од постоењето на училиштето во кое учат 708 ученици во 20 училници. Со доградувањето на училиштето со четири нови училници во кои ќе се образуваат уште 100 ученици, се подобруваат просторните услови. Освен тоа, се планира проширување на влезот, а ќе се изгради и паркинг-простор – изјави Ковачевски
Основното училиште „Коле Неделковски“, кое се наоѓа во Дебар Маало, на територијата на Општина Центар, ќе добие четири нови училници. Со тоа, капацитетот на објектот се зголемува и ќе може да прими уште 100 ученици.
Премиерот Димитар Ковачевски и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, како и директорката на училиштето, Светлана Масларевска, денеска со поставување на камен-темелникот го означија почетокот на градежните активности за доградување на училиштето.
– Ова е прв зафат по 65 години од постоењето на училиштето во кое учат 708 ученици во 20 училници. Со доградувањето на училиштето со четири нови училници во кои ќе се образуваат уште 100 ученици, се подобруваат просторните услови. Освен тоа, се планира проширување на влезот, а ќе се изгради и паркинг-простор – изјави Ковачевски.
Тој информираше дека новите прозорци ќе имаат и нанофилтри за прочистување на воздухот, а е предвиден уште еден влез.
Како што наведе премиерот, проектот ќе чини 580.000 евра, кои се обезбедени од буџетот на Општина Центар.
– Не постои нешто што е поважно од она што е поврзано со потребите на децата. Општина Центар треба да биде пример за другите општини во државата за тоа што значи да се работи и да се вложува во објекти со современи стандарди. Ваквата определба на Општина Центар е на линијата на определбата на Владата – заклучи Ковачевски.
Тој додаде дека, преку Министерството за образование и наука, во изминативе пет и пол години се реконструирани вкупно 120 училишта, од кои 21 училиште само во оваа 2023 година, во општините во Скопје и во другите општини во државата, а во Куманово е изградено комплетно ново средно училиште.
– Во тек се реконструктивни активности во 15 други училишта ширум државата. Преку Проектот за унапредување на основното образование, предвидена е реконструкција на санитарните јазли и изградба на пристапни рампи за учениците со попреченост во 117 училишта. Во 40 училишта, овие активности се веќе започнати – нагласи Ковачевски.
Освен тоа, тој истакна дека се во тек и подготвителни активности за поставување фотоволтаици во училиштата, со поддршка од Банката за развој при Советот на Европа, во износ од 1. 100.000 евра, со што ќе се обезбедат заштеди за потрошувачката на енергија и заштита на животната средина, а заштедите секако дека ќе останат за училиштата, кои ќе можат да ги искористат за унапредување на својата настава. Набавен е и мебел за опремување на кабинетите по природни науки во 264 основни училишта и опрема и нагледни средства за кабинетите по природни науки во 350 училишта.
– Во тековната 2023 година, сите основни училишта во државата комплетно се опремени со нови нагледни средства и помагала во кабинетите по историја, географија и другите предмети од групата општествени науки – наведе Ковачевски.
Тој потсети дека досега се изградени и 43 спортски сали во основните и во средните училишта. А, со потпишаниот договор за неповратен грант од 3 милиони евра помеѓу Министерството за образование и наука и Банката за развој при Советот на Европа, следува и реконструкција на 30 постојни училишни спортски сали во основните и во средните училишта и за набавка на нова спортска опрема за вкупно 50 спортски сали во склоп на основните училишта.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, нагласи дека овој проект е влог во модерно и инклузивно образование, бидејќи се планираат ново скалишно јадро и нов лифт за учениците со посебни потреби, како и посебен тоалет за нив. Освен тоа, тој додаде дека за сите прозорци од внатрешната страна се обезбедени брисолеи, додека на надворешната страна на прозорците ќе бидат поставени нанофилтри, кои обезбедуваат чист воздух.
– При изведувањето на градежните зафати беше нагласено дека се запазени сите безбедносни мерки за учениците и за другите вработени и посетители во училиштето – вели Герасимовски.
Тој замоли за трпение од родителите и учениците додека се одвиваат градежните активности и им посака на учениците учебна година полна со радости, успеси, смеа и дружба.
Директорката на училиштето, Масларевска, изрази радост поради започнување на доградбата на училиштето бидејќи, како што нагласи, по толку години, наставата ќе може да се одвива непречено и ги охрабри родителите да бидат спокојни за безбедноста на учениците.
(А.П.) Фото: (П.С.)