Во чест на Тоше започна 900 километарскиот маратон од Нова Градишка до Крушево

146

По повод 14 -годишнината од смртта на Тоше Проески, ултрамаратонците од МакедонијаТоше Анчев, Наум Капричевски, Никола Гелов, Фидан Арсовски и Александар Митревски, денес, четврток, 14 октомври, го започнаа од Нова Градишка 900 километри долгиот, традиционален маратон наречен „Спомен на Тоше Проески“ до македонскиот град Крушево, неговото последно почивалиште.

И оваа година, во организација на Град Нова Градишка, Туристичкиот одбор на Град Нова Градишка и во соработка со маратонци на Република Македонија, со пригодна свеченост стартуваше маратонот по повод четиринаесетгодишнина од смртта на популарниот македонски пејач Тоше Проески, музичар, хуманитарец, морален идол на младите луѓе, човек што ги обедини Хрватска и Македонија.

Точно во 16,15 часот беа положени венци и запалени свеќи пред споменикот на Тоше Проески во близина на салата на Средното електротехничко и економско училиште во Нова Градишка, а во 17,00 часот маратонците го започнаа долгото трчање до Крушево.

На испраќањето на маратонците од Нова Градишка присуствуваа Амбасадорот на Македонија во Хрватска, Милаим Фетаи, Градоначалникот Винко Гргиќ, директорката на Културно информативниот центар на Македонија во Хрватска, Наталија Поповска, членови на фан клубот на Тоше од Нова Градишка, како и докторката која тој кобен 16 октомври 2007 година била дежурна во болницата во Нова Градишка и го примила телото на нашиот ангел Тоше Проески.

Директорката на КИЦ на Македонија во Хрватска, Наталија Поповска, по овој повод, за ТВ Нова 12 и весникот Вечер изјави:

„Прекрасно беше дружењето со учесниците на ултрамаратонот, многу убав пречек ни беше приреден во Нова Градишка, може да кажам дека едноставно градот живее со таа приказна. Ќе направиме се, ние Македонците во Хрватска, да опстане оваа идеја и учесниците да имаат поголема поддршка, бидејќи во основа е тоа една благородна идеја која ја враќа довербата во доброто, нешто што остана од Тоше, нешто на кое никој не може да остане рамнодушен. Енергијата која ја носат маратонците, вербата во тоа што го прават е вредна за восхит. Моментот на нивното поаѓање беше нешто посебно, точно се гледаше дека тие се со своите молитви и неверојатно спокојни .Посветени на маратонот, со кој, уште еднаш ќе ја покажат големината на љубовта кон македонскиот славеј Тоше Проески.

Маратонот од Нова Градишка до Крушево е долг 900 километри, а доаѓањето на маратонците на последното почивалиште на Тоше Проески, на Гумење, се очекува по 80 часа трчање, поточно во сабота, 16 октомври 2О21 година во 12 часот.

Љ.А.