Во чест на Св. Трифун, премиерот  закројуваше лозја во Лепово

150

Tехничкиот премиер Оливер Спасовски, придружуван од лидерот на СДСМ, Зоран Заев и министерот за  земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска присуствуваа на традиционалната манифестација на симболичното закројување на лозјата во чест на Св. Трифун заштитникот на лозарите и винарите на винскиот локалитет “Лепово” на ВВ “Тиквеш”.

Свечениот чин на закројување го извршија техничкиот премиер, со министерот Димковски и генералниот директор на винарницата, Радош Вукиќевиќ . Присутните претставници на дипломатскиот кор и на институциите,партнери, соработници и пријатели, лозарите и винарите си посакаа уште една плодна година, со услови наклонети кон квалитетен род и производство на врвни вина.

„Овој празник не е само традиција. Тоа е ден кој за сите нас, поврзани со лозарството и винарството, е симбол за нов циклус, кој ќе донесе нови предизвици и уживања во виното. Се надеваме на поволни услови и здрави лозја, за да создадеме врвно вино. Нашите активности се исто така насочени кон минимизирање на влијанието врз животата средина соочени со глобалните климатски промени. Притоа, применуваме одржливи земјоделски практики и ја намалуваме емисијата на стакленички гасови. Во таа насока,работиме на проект со кој „Тиквеш“ ќе биде првата „зелена“ винарница во овој дел од Европа“, изјави генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ, честитајќи им го празникот на сите лозари и винари, како и на љубителите на виното.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски на закројувањето информираше дека вкупното производство на вино се движи од 115 до 125 милиони литри, од кои приближно 80 милиони литри завршуваат на пазарите надвор од РСМ од што годишниот девизен прилив изнесува околу 50 милиони евра.

Димковски соопшти дека македонските вина прават сериозен пробив на европските и странски пазари и тоа е добро за нашата економија и за афирмација на нашата земја. Расте извозот на вино во шише, а паралелно и наградите за македонските вина на меѓународните саеми.