Во Франција се влошува ситуацијата со Ковид-19

17

Здравствената состојба „се влошува“, изјави вечерва францускиот министер за здравство Оливие Веран, со просечна дневна инциденца која наскоро би можела да го надмине врвот на третиот бран на епидемијата Ковид-19, јави дописникот на МИА.

– Ситуацијата се влошува на фронтот на епидемијата, рече министерот за време на пратенички прашања во Националното собрание.

Откривајќи ги бројките што ќе ги објави вечерва агенцијата за Јавно здравје на Франција, тој нагласи дека има околу 47.000 новозаразени во изминатите 24 часа. Ова „продолжува да означува зголемување на ширењето на вирусот на националната територија, со просечен број на заразени дневно кој надминува 30.000 и кој може да биде, ако продолжиме со оваа динамика, за повеќе од 60 отсто неделно, поголем од врвот на третиот бран до крајот на неделата“, додаде тој.

Министерот за здравство повтори дека вакцинацијата овозможува да се ограничи бројот на сериозни случаи, хоспитализации, реанимации и смртни случаи: „тоа е она што во моментов ја штити нашата земја“, „тоа е и корисноста на здравствената пропусница“.

– Но, бројот на сериозни случаи продолжува да расте: 1.700 пациенти се во нашите служби за интензивна нега и критична нега, поради што кампањата за засилување (трета доза) мора да се засили, нагласи тој.

Дотолку повеќе што се наѕира нов ризик: варијантата Омикрон, за која сè уште не се знае дали ќе биде позаразна од Делта и дали делумно ќе има заштитат од вакцините.

Првиот позитивен случај за оваа варијанта, која се шири низ светот, е идентификуван во Франција на островот Реунион.

Други случаи би можеле да бидат идентификувани во наредните часови, евидентно е дека ќе ги информирам Французите, вети Оливие Веран.