Во Турција пристигнаа првите руски одбранбени системи С-400

115

Претседателството за одбранбена индустрија при Кабинетот на претседателот на Турција соопшти дека првата фаза од испораката на одбранбениот систем „С-400“, кој Турција го набавува од Русија, започнала денес со слетувањето на првиот авион во Анкара.

Првите компоненти на противвоздушниот систем С-400 „Триумф“ денеска ќе бидат доставени во турска воена база што се наоѓа во близина на Анкара.

Неодамна турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган рече дека не очекува доцнење кога е во прашање испораката на руските ПВО-системи, пренесува порталот РТ. Испораките на делови од системот ќе продолжат во наредните денови. Откако системот целосно ќе биде подготвен, ќе почне да се користи како што ќе определат надлежните органи

САД остро се спротивставија на испораката на руските ПВО-системи на оваа држава, која се наоѓа во рамките на НАТО. Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, неодамна изјави дека Вашингтон ги разгледува сите варијанти на санкции против Турција доколку дојде до реализација на испораката на системите С-400.

Рускиот противвоздушен систем С-400 „Триумф“ е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел е околу 400 км (ракета 40Н6Е), додека во височина дејствува и до 35 км. Формациски, во рамките на еден дивизион најчесто има 2-3 батерии на овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици. Значи, еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 непријателски воздушни цели во оперативен борбен радиус до 400 км.