Советот на општина Тетово даде зелено светло за Програмата за активности од областа на заштитата на животната средина, со што локалната самоуправа ќе може да ја спроведе владината мерка за субвенционирање на граѓаните со цел да набават клима-инвертери. Согласно тоа беше изгласана и измена во буџетот со оглед дека од државната каса Тетово ќе добие 93 милиони денари за набавка на инвертерите.
– Во програмата покрај субвенции за клима-инвертерите, предвидено е да се изработи катастар на загадувачи, да се поведе кампања за подигање на јавната свест, набавка на механизација и средства за аеросолно прскање и заштита од ПМ10. Целта на програмата е намалување на загаденоста во воздухот – истакна Јулијана Пенева, претставничка на Секторот за комунални дејности.
Советниците од ВМРО ДПМНЕ и Беса реагираа на, како што рекоа, популистичката мерка за набавка на инвертерите.
– Ги поддржуваме сите мерки за подобра животна средина. Сепак имаме забелешка дека спроведувањето на мерката за субвенции има популистички карактер со оглед дека сега се избори, а зимата веќе изминува. Истите нема да се користат сега веќе за греење, туку можеби на лето за ладење – истакна Александар Велјановски од ВМРО ДПМНЕ.