Како што информираат од Институтот за јавно здравје за весникот ВЕЧЕР, едниот случај е во април, а другиот во јули годинава, додека во монентов во земјава нема заразени од убодот на овој комарец. Првиот случај е импортиран, регистриран во месец април 2024 година, кај жител на општина Василево,а вториот во месец јули 2024 година, кај жител на Кочани. За разлика од кај нас, за една седмица во Грција има двајца починати од Западен Нил и потврден 21 нов случај на вирусот
Во Македонија оваа година пријавени се само два случаи на Западно-нилска треска. Како што информираат од Институтот за јавно здравје едниот случај е во април,а другиот во јули годинава, додека во монентов во земјава нема заразени од убодот на овој комарец.
-Првиот случај е импортиран, регистриран во месец април 2024 година, кај жител на општина Василево, на територијата на ЦЈЗ Струмица. Вториот пак случај е исто така импортиран, во месец јули 2024 година, кај жител на Кочани- информира за весникот ВЕЧЕР д-р Драган Кочински, раководител на Одделение за превенција и контрола на заразни заболувања,при Институт за јавно здравје на Р.С. Македонија и дополнува и двата случаи се лабораториски потврдени.
Од Иститутот исто така посочуваат дека сезонскиот надзор над ова заболување во Европа се врши од јуни до ноември месец, односно во сезоната на можно пренесување,во услови на масовно присуство на комарците, како вектор за заболувањето.
За разлика од кај нас, каде што е мирно за една седмица во Грција има двајца починати од Западен Нил и потврден 21 нов случај на вирусот. Овие бројки се согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ). Според нивните статистики од почетокот на сезоната вкупниот број на заразени достигна 76 лица, а регистрирани се вкупно десет смртни случаи од возрасната популација, меѓу 61 и 92 години.
Потврдени случаи на вирусот Западен Нил има во северниот, западниот и централниот дел на Грција, како и во Епир и островите во Јонското море, додека пак минатата седмица биле регистрирани и првите случаи на Пелопонез и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51. Во Грција лани биле регистрирани 162 случаи, а од Западен Нил починале 23 лица.
Заразени од овој вирус има и во соседна Србија. Најголемиот дел од заразените се туристи кои се враќаат од летување во Грција или лица кое живеа во населбите лоцирани околу реката Дунав.
Македонските епидемиолози со смирувачки тонови кон јавноста, бидејќи во земјава е мирно,а болеста не се пренесува од човек на човек. Потврдувањето на западнонилска треска се врши преку докажување на антитела во ликвор (течност во рбетниот мозок) или преку детекција на нуклеинска киселина на самиот вирус.
-Нема потреба од паника. Западнонилската треска се пренесува со убод од заразени комарци. Граѓаните кои патуваат треба да се заштитат од убод од комарци. Човекот се заразува ако го касне заразен комарец кој го носи вирусот, што значи заболувањето не се пренесува од човек на човек. Откако ќе го касне заразениот комарец човекот има период на инкубација што може да трае од три до 14 дена-објаснуваат епидемиолозите и нагласуваат дека повеќе од 80 отсто од луѓето каснати со заразен комарец поминуваат без симптоми, а 20 проценти може да развијат симптомска инфекција.
Како симтопми за овој вид на заболување е зголемена температура, исип на кожата, треска, главоболка, болки по телото, дијареа, замор… Статистички само еден отсто може да се развијат сериозни форми, како што се тешка клиничка слика, кои можат да бидат смртоносни, со воспаление на мозокот.
Препорака на лекарите за оние кои имаат многу висока треска, силна главоболка, укочен врат, конфузија, симптоми кои покажуваат дека дошло до воспалување на мозокот, напади, парализа на мускули или слабост итно да побараат лекарска помош.
Препораките за заштита од овој вид на комарци е да се користат мрежи на прозорците, да се избегнува престој во природа или покрај вода, особено во период кога комарците за најактивни во самрак или рано наутро. Задолжително да се користат препарати за заштита од инсекти.
(В.Ма.)