Во Скопје пристигна првата група бегалци од Авганистан/ВИДЕО

109

Доцна вечерва на Меѓународниот аеродром Скопје пристигна првата група граѓани од Авганистан. Тие ќе бидат пречекани од министерот за надворешни работи Бујар Османи, заменик амбасадорот на САД во земјава и советници од Кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Црвениот крст ќе биде првиот контакт за граѓаните кои стигаат од Авганистан, МВР ќе ги спорведе сите безбедносни проверки, а Министерството за здравство ќе обезбеди ПЦР тест и можност за вакцина. По пристигнувањето на Авганистанците ќе им бидат поделени пакети со храна и со автобуси ќе бидат однесени на здравствени прегледи.

Според информациите од Владата, се работи за 149 граѓани на Авганистан, вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација Отворено владино партнерство (Open Government Partnership – OGP) каде што Македонија е официјално членка, како и вработени и соработници на Transparency International, Wold Economic Forum и други меѓународни организации.

-Станува збор за граѓани кои беа животно загрозени од талибанските структури и на кои им помагаме да си го спасат животот. Тоа се граѓани кои 20 години работеа за демократските институции, мисии и меѓународни организации во Авганистан, велат од Владата.

На скопскиот аеродром тие се прифатени од МНР, МВР, Црвениот Крст, Министерството за здравство и меѓународните организации, а ќе бидат сместени во хотели и мотели, како што беше претходно најавено.